X
 13.11.2020 Живот

Барселона вложува 37 милиони евра за да ги отстрани автомобилите од улиците

Барселона почна со реализација на амбициозниот 10-годишен план за отстранување на автомобилите од улиците и намалување на загадувањето преку создавање зелени површини и јавни плоштади.

Една од три улици во загадената централна област Еиксампле ќе стане зелена зона, која ќе им дава предност на пешаците и велосипедистите, а раскрсниците ќе добијат јавни плоштади, така што ниту еден граѓанин нема да биде оддалечен повеќе од 200 метри од плоштад или мал парк.

- Планот на инженерот Илдефонс Серда на крајот од 19 век ја модернизира Барселона, а ние го оживуваме тој дух на урбана трансформација за да ја донесеме Еиксампле во 21 век - вели заменик-градоначалникот Џенет Санц.

Иако автомобилите не се забранети, суперблоковите нема да бидат погодни за автомобили. Засега има 6, иако се планирани 11 во наредните неколку години - и повеќе од 500 ако планот се спроведе во целост. Суперблоковите ќе обезбедат оаза на тишина во град во кој граѓаните поседуваат 6.000 автомобили на квадратен километар, не сметајќи ги комбињата или моторите, што е највисока стапка во ЕУ.

1
Фото: Guardian

Целта на новиот план е да го зголеми јавниот простор во градот и да го реши хроничниот проблем со загадувањето.

Барселона речиси никогаш не ги исполнува ограничувањата на ЕУ или на Светската здравствена организација за нивото на загадувањето - ограничувањата на СЗО за NO2 се 40 микрограми на кубен метар, додека во поголемиот дел од градот нивото е над 46 µg/m 3.

Заедно со градовите Париз и Милано, градот практикува „тактички урбанизам“ - проширување на тротоарите, привремено затворање на улиците, проширување на велосипедските ленти, затворање на местата за паркирање, за да создаде поголем јавен простор како одговор на пандемијата.

2
Фото: Guardian

Откако државата беше заклучена во март, градот создаде 29-километарски велосипедски патеки, со што сега има речиси 240 километри велосипедски патеки и 12 километри тротоар. Во истиот период градот елиминира 1.300 места за паркирање.

За дизајнот на плоштадите и зелените површини ќе се одлучува со помош на отворен натпревар. Крајниот датум за пријавување е 17 декември.

Извор: The Guardian
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот