1979 година, Југославија: Недостигот на бензин со месеци е актуелна тема. Ограничувањето „пар-непар“ доведе до заштеда од 42.000 тони бензин во периодот од мај до август, но создаде голем број барања за изземање од забраната - околу 800.000. Тоа значи дека 5,6 отсто од сопствениците на патнички возила барале право да возат секој ден, а изземања се бараат и за автобуси, камиони, 22.000 специјални и околу 85.000 приклучни возила.
За да ви биде појасно колку сопственици на патнички „и други“ возила барале изземање, ќе наведеме некои податоци од 1977 година. Во тоа време, по патиштата на Југославија имало околу 2 милиони патнички возила, 22.000 автобуси, 158.000 камиони, 19.000 специјални возила и 92.000 приклучни возила.
65 литри бензин за „фичо“ и „лада“ не е исто
Се разгледуваат неколку варијанти за заштеда на бензин. Една од нив е ограничување на бензинот што секој возач во текот на месецот би можел да го набави. Секој автомобил троши просечно 80 литри месечно, а со ограничување на 65 литри би се заштедиле 20 отсто. Но, треба да се има предвид дека во „иста вреќа“ се ставени и оние што го користат автомобилот за одење на работното место, носење на децата во градинка/училиште, лекари, новинари, занаетчии, и од друга страна пензионери кои возат само еднаш неделно, со што еднаквото ограничување не е практично.

Фото: Yugopapir
И уште нешто: 65 литри бензин за „фичо“ и „лада“ не е исто.
Друга можност се бонови за гориво, кои би овозможиле секој да вози кога сака, без барања за изземање. Но, и тие не ги решаваат сите проблеми, особено за службени возила, лица со инвалидитет, болни пациенти кои одат на терапија и семејства со мали деца. Исто така, експертите размислуваат за забрана на возење во одредени денови, ротација на возачи или ограничување според бројот на таблички. Во Словенија се предлага сопствениците сами да избираат денови кога не им е потребен автомобил, а забраната да се комбинира со поскапување на бензинот.
Експертите од сојузниот комитет за сообраќај не ја отфрлаат можноста за забрана во автомобил да се вози само еден човек. Прашањето е дали тоа значи казнување на оние што на работа стигнуваат сами откако претходно ги однеле сопругата на работа и децата на училиште, или пак да се купи „кукла на надувување“ за да се избегне забраната?
Еден од предлозите се состои во тоа сопствениците на автомобили чии регистарски таблици завршуваат со бројот еден да имаат забрана за возење на 11. и 21. ден од месецот, оние со „двојка“ на крајот 12. и 22. и така со ред до нула. На овој начин секој сопственик би имал забрана само 36 дена годишно, а предлогот би се дополнил со поскапување на бензинот или некоја дополнителна административна мерка.
Се размислува и за забрана за возење секој викенд, но тој предлог не би успеал со оглед на тоа што би бил премногу тежок удар за туристичката индустрија. Покрај тоа, ваквата мерка не би ги опфатила возилата во јавниот сектор - околу 100.000 возила кои трошат најмногу бензин.
Се разговара и за построги мерки против оние што го кршат ограничувањето на брзината. Дури и ако нема заштеда, ќе има приход од казни.
Некои предлагаат сите забрани да се укинат и наместо тоа да се зголемат цените на бензинот толку што би се трошел на грамови, а не на литри. Сепак, овој предлог има најмала шанса да биде усвоен.
Едно е сигурно: бензинот, вака или онака, ќе мора да го штедиме, повеќе отколку што би било потребно ако не трошиме девизи за увоз на производи што можеме да ги произведеме во земјата, на пример, пченица.
Извор:
Yugopapir.com
Фото: Yugopapir