Во 2023 година силна суша загреа неколку амазонски езера сè додека не станаа потопли од џакузи. Бразилското езеро Тефе достигна 41,0 °C. На тој начин се создадоа услови кои убија повеќе од 200 делфини, безброј риби и илјадници други водни животни.
Од светските гребени, до јагули, птици и африкански слонови, ова е уште еден настан на масовна смртност на дивиот свет на Земјата, што сега се припишува на климатските промени.
- Климатската криза е тука, нема сомнение за тоа - изјавил хидрологот Ајан Флајшман, кој бил испратен да го истражи инцидентот со езерото.
Флајшман и неговите колеги собраа сателитски податоци и директни мерења на езерата во регионот за време на сушата во 2023 година. Тие утврдија спој на услови кои се поврзани со создавањето на еколошката катастрофа на амазонските езера, вклучувајќи ниски брзини на ветерот, мали длабочини на водата, многу високо сончево зрачење во текот на 11 дена без облаци.
- Овој невиден интензитет на суша се припишува на климатските промени, вклучувајќи го и затоплувањето на океаните, особено на Северниот Атлантик, во комбинација со умерен до силен настан „Ел Нињо“ - пишува тимот во својот труд.
Температурите надминаа 37 °C во 5 од 10 испитани езера, но веројатно екстремните температурни промени до 13 °C предизвикаа фатален термички стрес кај дивиот свет.

- Кога водата ќе достигне 41 °C, рибите едноставно престануваат да функционираат: нивните ензими се блокираат, нивниот метаболизам се распаѓа и тие умираат - изјавил Адалберто Вал, биолог од Бразилскиот истражувачки институт.
Овој регион, вклучувајќи го и најголемиот преостанат дел од тропските дождовни шуми на Земјата, содржи околу една петтина од свежата вода на Земјата, но променливите климатски услови ја сушат таа вода. Научниците веќе предупредија за брзото приближување кон колапсот на амазонските дождовни шуми. Сега Флајшман и неговите колеги открија дека просечните температури на водата во езерата во централниот амазонски регион се зголемиле за 0,6 °C по деценија, од 1990 година.
- Загрижени сме што овие услови стануваат сè почести. Последиците врз биодиверзитетот и локалните заедници се длабоки - вели Џон Мелак, еколог на Калифорнискиот универзитет во Санта Барбара.
Ова не е проблем што може да се реши регионално, предупредуваат истражувачите, бидејќи бара глобален системски напор за намалување на фосилните горива. Доколку тоа не се случи, ќе продолжиме да уништуваме сè поголеми делови од најчудесните нешта во познатиот универзум: живите суштества, вклучувајќи не и нас самите.
Извор: sciencealert.com
Фото: Freepik