X
 15.05.2023 Живот

Писмо на српска наставничка: „Во нашите училишта се учи сѐ освен животот“

Српската наставничка Маја Бугарчиќ напиша писмо за трагедијата што се случи неодамна, кога основец изврши масовно убиство во училиште во Белград. Нејзината порака е навистина силна - дека можеби премногу внимание се посветува на дипломите и оценките. Во продолжение прочитајте го писмото во целост.

„Ако малолетниот К. го направеше бесмислениот чин како средношколец, можеби ќе го завршеше основното училиште како ученик на генерацијата.

Одличен ученик. Натпреварувач. И најважно - мирен.

Во истото училиште со К. оди и еден А.

Тој не е пример за другите, а камоли кандидат за ученик на генерацијата. Има прилично лоши оценки, за време на одморот е немирен и трча наоколу. Го интересира само фудбалот. Слабо фаќа книга. Наставниците постојано ги повикуваат неговите родители.

Верувам дека не морале да му се јават на родителите на К. Тој не правел никакви проблеми.

Додека А, да не даде Господ да си имаш работа со него!

И сега, почнува таа ужасна трагедија, една наставничка успева да ја заклучи училницата. Ги спасува децата. Таа наставничка веројатно не била кандидат за најдобра во училиштето, никој никогаш не ја ни гледал како можна директорка. Ако нема награди за натпревари, сигурно не ни можела да се пробие.

Ако на нејзините часови се слуша врева од учениците, може и колегите да ја критикуваат. Најпознати се оние што имаат успеси - награди и деца кои се истакнуваат на нивниот предмет кога одат во средно или на факултет.

Така, заклучените деца, следејќи ги упатствата на наставничката, клекнуваат под масите и молчат.

К. мисли дека е доволно - го спушта оружјето, повикува полиција и се предава. Децата полека се евакуираат. Постарите на Цветен плоштад, а помладите во „Мањеж“.

А. не трча кон Цветен плоштад. Прво оди да види каде е неговата помала сестра. Ја прегрнува и почнува да плаче. Таа плаче, целосно несвесна што се случува. Таа е второ одделение. Кога А. се увери дека сестра му е безбедна, оди кај другарите на другата страна.

Животот е суров и сето тоа ќе помине, можеби нема да се заборави - но животот оди понатаму.

И пак ќе бидат избрани ученици на генерацијата. Некој како А. нема да влезе во изборот бидејќи не му се сите петки. Немирен е и непослушен.

Одличните ученици со многу дипломи и награди ќе продолжат да бидат пример. И само тоа ќе биде критериумот. Некои од нив ќе бидат одлични луѓе, некои не. Затоа што не е академскиот успех тој што го открива најдоброто меѓу нас.

И тоа е во ред. Постојат правила за избор на ученици на генерацијата и зошто да се промени тоа? А правилата јасно кажуваат: најмногу поени носат дипломите и петките. Прекрасно е ако ти, ученику, беше одличен другар и им помагаше на оние на кои им беше потребна помош. Но, да ти ги изброиме дипломите и успесите. Истото е и ако не беше другар. Важно е да собереш што повеќе медали. Но, ако си бил одличен, најдобар, ако им помагаше на сите, но ако имаш и понекоја четворка - извини, нашиот систем вели дека не си најдобар.

Само би било добро секое училиште кое на влезот ја има латинската поговорка „Non scholae sed vitae discimus“ (Не учиме за училиште, туку за живот) да го замоли домарот или некој висок наставник или ученик да ја отстрани. Не е фер секој што влегува во училиштето да биде пречекан со лага. Во нашите училишта се учи сè освен животот.

Текстот е базиран на вистинска приказна, а момчето А. е навистина еден од „лошите ученици“. Барем по критериумите на школскиот систем. А намерата на овој текст не е да ги намали значењето и важноста на успесите на добрите ученици. И меѓу нив, како и меѓу „лошите ученици“, има такви што ќе бидат одлични. Прашање е само што ќе ги направи одлични: дали петките или карактерот. Или и двете.“

Извор: Zelenaucionica.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот