По двата големи земјотреси што ги стресоа Турција и Сирија минатата недела, експертите сега предупредуваат на ширење на епидемиски болести во погодените области.
Специјалистот за клиничка микробиологија и заразни болести Серхан Сакарја ја истакнува втората опасност што тропа на врата. Ризикот од заразни болести како колера, стомачен тифус, дизентерија, шуга, тифус... е голем поради недостигот на хигиена, скудните услови за згрижување, живеењето во групи, проблемите со водата за пиење и мешањето на водата за пиење со градската канализација.
Според Сакарја, има значително зголемување на бројот на случаи на дијареја и меѓу децата и меѓу возрасните погодени од земјотресот. Неговите колеги во регионот известиле за зголемен број паразитски болести, како шуга и туфус.
Водата за пиење треба да се преврива
Нагласувајќи ја потребата за итно дејствување, Сакарја истакнува дека приоритет на властите треба да биде поставувањето голема единица со шатори или контејнери. Единицата треба да е опремена со бањи, тоалети, сали за јадење и други неопходни простории.
- Со оглед на сериозниот проблем со водата за пиење во моментов, граѓаните треба да ја превриваат водата пред да ја пијат. Дополнително, важно е да бидат внимателни при јадењето свежи зеленчуци бидејќи слабата хигиена може да доведе до ширење на болести - предупредува тој.
Може да се рашират колера, ковид-19
Сакарја предупредува на високиот ризик од ширење болести како хепатит А, колера, стомачен тифус и дизентерија во регионот погоден од земјотресот. Контаминацијата на изворите на вода и канализацијата претставува сериозна закана за јавното здравје и има потенцијал за брзо ширење на епидемии.
Дополнително, можно е зголемување на ризикот од инфекции на респираторниот тракт меѓу луѓето, а има и голем ризик од ширење на ковид-19.
Извор:
Daily Sabah
Фото: Twitter