X
 16.09.2023 Наука

Што велат научниците за мистериозните светла што се појавуваат пред големи земјотреси?

Записите за „земјотресни светла“, како оние што се гледаат на видеата направени пред земјотресот со јачина од 6,8 степени кој се случи изминатата недела во Мароко, датираат од античка Грција.

Овие изливи на светлина во различни бои долго време ги збунуваат научниците и сè уште нема консензус за тоа што ги предизвикува, но тие се „дефинитивно реални“, вели Џон Дер, пензиониран геофизичар кој работел во Геолошкиот институт на САД. Тој е коавтор на неколку научни трудови за земјотресни светла. Тој изјавил дека светлината снимена во Мароко пред земјотресот е слична на онаа снимена за време на земјотрес во Перу во 2007 година.

Земјотресните светла доаѓаат во многу форми

Земјотресните светла можат да имаат неколку различни форми, забележал Дер. Понекогаш светлата може да изгледаат слични на обичните молњи или може да бидат како светлосна лента во атмосферата слична на поларната светлина. Другпат тие личат на светлечки топки кои лебдат во воздухот. Тие, исто така, може да се појават како мали пламени кои треперат или ползат покрај или во близина на земјата или како поголем пламен што се издигнува од земјата.

За подобро да ги разберат овие светла, Дер и неговите колеги собрале информации за 65 американски и европски земјотреси поврзани со веродостојни сведочења за светла за земјотреси кои датираат од 17 век. Истражувачите откриле дека околу 80 отсто од испитуваните појави на земјотресни светла биле забележани при земјотреси со јачина поголема од 5 степени. Во повеќето случаи феноменот бил забележан непосредно пред или за време на сеизмичкиот настан, а бил видлив и до 600 километри од епицентарот на земјотресот.


Земјотресите, особено силните, најверојатно ќе се случат покрај или во близина на областите каде што се спојуваат тектонските плочи. Сепак, една студија од 2014 година покажа дека огромниот број земјотреси поврзани со светлосни феномени се случиле во тектонските плочи, а не на нивните допирни точки.

Поверојатно е дека земјотресите ќе се појават на или во близина на долините на пукнатините, места каде што, во одреден момент во минатото, Земјината кора била разделена, создавајќи издолжена ниска област која се наоѓа помеѓу два повисоки блока земја.

Можни причини за светлата

Фридеман Фројнд, соработник на Дер и доцент на Универзитетот во Сан Хозе и поранешен истражувач во НАСА, има теорија за светлата на земјотресот. Фројнд објаснува дека кога одредени дефекти или нечистотии во карпестите кристали се изложени на механички стрес, на пример, при тектонски напрегања пред или за време на голем земјотрес, тие веднаш се распаѓаат и создаваат електрична енергија. Карпата е изолатор кој, кога механички ќе се притисне, станува полуспроводник, објаснил тој.

- Пред земјотресот, огромни количества карпи, стотици илјади кубни километри карпи во Земјината кора се изложени на оптоварувања и напрегања кои предизвикуваат минералните зрна да се движат во однос (едни) на други - додал тој.

Други теории за тоа што ги предизвикува светлата вклучуваат статички електрицитет произведен од фрактура на карпи и еманација на радон, меѓу другото.

Во моментов не постои консензус меѓу сеизмолозите за механизмот што предизвикува земјотресни светла, а научниците сè уште се обидуваат да ги откријат мистериите на овие изливи.

Извор: Klix
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука