X
 14.02.2025 Технологија

Јапонската компанија „Скајдрајв“ се пофали со тест-лет и прва сертификација за летечки автомобил

„Скајдрајв“ е еден од производителите на авиони „еВТОЛ“ за кој не се пишува премногу често, но напредува во развојот без финансиските проблеми што ги мачат неговите конкуренти. Доаѓа од Јапонија, соработува со „Сузуки“ и голем број локални компании во развојот на технологијата, а целта му е оваа година да одржи демонстративни летови и наскоро да започне со сериско производство на авионите. До неодамна компанијата известуваше за своите планови само со статични фотографии и рендери од авионот во лет, но сега ги имаме првите вистински фотографии од овој „еВТОЛ“ во акција.

Премиера за „Ворлд Експо“

Јапонската компанија го доби првиот неопходен сертификат за започнување на пробните летови, што е еден од клучните чекори кон сериското производство и комерцијализација. Јапонската агенција за цивилно воздухопловство му додели дозвола за летање и воспостави критериуми кои ќе го водат понатамошниот процес на сертификација на ова патничко летечко такси, или „летечки автомобил“, како што го нарекува производителот.

„Скајдрајв“ се обидува да ги „легализира“ своите авиони и во САД, што е многу важен пазар за нив.


Официјалната премиера на авионот ќе биде во април како дел од „Ворлд Експо 2025“ во Осака, каде што посетителите ќе можат да го гледаат дури до октомври. Таму ќе се одржат и серија показни летови. „Скајдрајв“ ќе ја има првата комерцијална апликација во Осака. Идејата е да се поврзе со компанијата „Осака метро“ и да им понуди на патниците услуга за градски воздушен транспорт. Ова треба да се случи најрано во 2028 година.

Извор: bug.hr

Фото: YouTube screenshot

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија