Со меѓународен конкурс ќе се избере решение за новата голема влезна врата на познатиот музеј, која ќе биде пандан на стаклените пирамиди на кинеско-американскиот архитект.
Како што неодамна најави Емануел Макрон, планирано е големо реновирање на музејот „Лувр“ во Париз, што ќе вклучува создавање посебен изложбен простор за познатата слика „Мона Лиза“ на Да Винчи, но исто така, ќе се додаде втор влез во најпознатиот музеј во светот.
Според францускиот претседател, за проектот наречен „Нова ренесанса“ ќе биде објавен меѓународен конкурс со цел најдобро да се избере тимот што ќе ги изврши планираните работи на музејот, најголем во последните 35 години.
Се очекува проектот да го зголеми капацитетот на „Лувр“, а исто така ќе претставува најобемно реновирање на зградата откако архитектот И. М. Пеи ја додаде препознатливата и првично не толку сакана стаклена пирамида во дворот на музејот во 1989 година. Како што е познато, голем дел од критиките во врска со реновирањето не беа поврзани со доградбата на самиот музеј, туку со прашањето на стиловите. Многумина сметаа дека модерните естетски решенија на Пеи ќе се судрат со класичната архитектура на „Лувр“.

Сепак, како што минуваа годините и Париз се модернизира, дизајните на Пеи станаа составен дел од париската култура.
Ќе се догради нов влез
Според директорката на музејот „Лувр“, Лоренс де Кар, влезот кој се наоѓа под пирамидата во моментов е структурно несоодветен за да се справи со бројот на посетители. Имено, кога била проектирана зградата, била проектирана за четири милиони посетители годишно, а минатата година оваа позната зграда ја посетиле дури осум милиони луѓе. Планираниот проект ќе го зголеми капацитетот на околу тринаесет милиони посетители годишно.
Се планира „нова голема влезна врата“ на источната фасада на музејот, која е на спротивната страна од пирамидата.
Се планира реновирањето да заврши до 2031 година
Планираниот проект, исто така, се очекува да создаде посебен изложбен простор за „Мона Лиза“, опишан како нејзин „специјален простор“, со идеја да се подобри искуството од гледањето на ова уметничко дело, како и да се намали метежот.
Реновирањето ќе чини околу 800 милиони евра, а се планира да заврши до 2031 година.
Извор: gradnja.rs
Фото: Freepik/Wikipedia