X
 29.07.2025 Наша тема

Студентските домови „Кузман“ и „Стив“ ќе се отворат во декември: Ќе има ли доволно легла за сите студенти од октомври?

Уште неколку дена останаа од електронското пријавување за сместување во државните и приватните студентски домови низ државава за академската 2025/2026 година, а студентите кои имаат право на вакво пријавување, оние од втора година и повисоките години на додипломски и апсолвентите, стравуваат дека ќе останат без места.

Според објавениот Конкурс на Министерството за образование и наука, слободни се вкупно 4.264 места во студентски домови во Скопје, Штип, Битола, Тетово, Охрид и Прилеп. Од вкупниот број 851 место се наменети за бруцоши, додека 3.413 места се за студенти од втора и од повисоките години на студии.

Според информациите, за новата академска година ќе бидат достапни вкупно 2.544 легла, што е значително помалку од потребното.
Но, два од трите студентски домови што се по капата на државата - „Кузман Јосифовски-Питу“ и делови од „Стив Наумов“ се затворени поради реновирање, што ќе предизвика студентите да се соочат со недостиг на простор и да мора да изнајмуваат станови, чии кирии се прилично високи годинава.

Кириите за станови во Скопје драстично пораснаа во последните години, особено во општините кои се најблиску до универзитетските кампуси, Карпош, Центар, Автокоманда, Кисела Вода и Аеродром. Цените често се движат од 250 евра до 350 евра за еднособен стан, што за мнозинството студенти и нивните семејства претставува огромен финансиски товар. За многумина, ова значи избор помеѓу кирија и основни трошоци за живот или дури и прекин на студиите.

- Министерството за образование и наука ниту минатата година не дозволи студентите кои аплицираа на конкурсот и ги исполнија конкурсните услови да останат без сместување - велат од МОН.

Домот „Кузман“ е затворен повеќе од две години, а реконструкцијата започна дури во април оваа година, со најава дека ќе заврши до октомври. „Стив Наумов“, пак, останува во фаза на чекање за обнова. Ова ги става студентите во неизвесност, особено оние што потекнуваат од други градови и немаат финансиски можности за алтернативно сместување.



Според МОН, двата посочени дома ќе бидат целосно обновени до крајот на календарската година и достапни за сместување студенти во вториот семестар од академската 2025-2026 година.

- Инаку, реконструкцијата на студентските домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“ ќе биде заокружена до крајот на тековната година и во нив студенти ќе можат да се сместуваат во вториот семестар од академската 2025-2026, за што ќе биде објавен дополнителен конкурс. Во конкурсот за сместување студенти во државните студентски домови се предвидени 4.264 места - додаваат оттаму.

Дополнително, се посочува дека буџетот за реконструкциите е зголемен за 5,5 милиони евра, како и дека е обезбеден неповратен грант од ЕУ, за кој министерката Весна Јаневска веќе потпишала договор.

Студентите може да конкурираат за прием само за еден студентски дом. Доколку по објавување на конечните списоци со примени студенти по домови останат непополнети сместувачките капацитети, пријавувањето ќе продолжи сè до нивното пополнување, но најдоцна до 30 ноември годинава.

Рокот за прием на студенти во студентските домови од прва година ќе почне по завршувањето на уписниот рок на факултетите во август и ќе трае од 10 до 17 септември 2025 година.
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема