X
 14.04.2019 Економија

Земјата без рецесии

Иако Американците наскоро ќе прослават 10 години без финансиска криза, земјата што им го привлече вниманието на светските медиуми кои се занимаваат со финансии е Австралија, чија победничка низа без рецесија трае веќе 28 години. Кој е нејзиниот таен рецепт, среќа или добри политики од кои и другите земји во светот можат нешто да научат?

Ако ги прашаме австралиските економисти, тие тоа делумно ќе ѝ го припишат на среќата, а делумно на добрите политики. Да, Австралија е богата со природни богатства. Најмногу со железна руда и со јаглен, а успеваат и житни култури и се одгледува стока. Сето тоа се сировини од кои, сосема случајно, зависат Кинезите, нивните најголеми трговски партнери.

Имено, Австралија рано го улови приклучувањето кон растечката кинеска економија, па, според последните податоци, Австралијците во Кина увезле стока со вкупна вредност од дури 68 милијарди долари. Но, не станува збор само за среќа, има нешто и во паметните регулативи и цврстите институции.

Во 1997 година, кога пламна финансиската криза во Азија, која ги погоди Јужна Кореја, Тајланд и Индонезија (сите големи увозници на австралиски производи), ударот од рецесијата го почувствува Нов Зеланд (кој еднакво беше изложен), но не и Австралија. Тогаш австралискиот долар почна забрзано да паѓа на глобалниот пазар на валути, но австралиската банка на резерви, за разлика од новозеландските, не се обиде да го изрегулира тоа со кревање на каматните стапки, туку го искористи за поконкурентно пласирање на своите производи во САД и во Европа.

Во поновиот пример неконтролираниот раст на цените на недвижностите, баш пред последната финансиска криза од 2008 година, создаде балон кој експлодира во САД и во Велика Британија, но не и во Австралија. Инаку, движечката сила на последните светски рецесии, со неоправдан потрошувачки оптимизам, беше либералната политика на светските банки, кои делеа кредити на сите страни.

Меѓутоа, австралиските банки не го следеа тој тренд. Тие зазедоа поконзервативен став, давајќи ограничени заеми, главно во границите на Австралија. Поради тоа, мораа да го жртвуваат глобалното ширење и отворањето на големи канцеларии во Хонгконг, Лондон и Њујорк. Исто така, тие ја испуштија шансата да го претворат Сиднеј во финансиска мека со голема концентрација на глобални бакни и финансиски установи, но таа одлука ги зачува од увозот на странски финансиски „зарази“ кога настапи кризата.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија