X
 14.05.2019 Живот

Три правила на Безос со кои состаноците стануваат извор на идеи

Сите ние сигурно барем еднаш сме имале лош состанок. Без разлика дали станува збор за лошо испланиран состанок, премногу зборување или недостиг на подготовка, на лошите состаноци се трошат скапоцено време и пари.

Меѓутоа, основачот и извршен директор на „Амазон“, Џеф Безос, изгледа го пронајде клучот кој ќе ги направи состаноците многу попродуктивни.

Во неговото годишно писмо за акционерите, како и во неодамнешно интервју, Безос дава увид во тоа како изгледа културата на состаноците во „Амазон“, а сè се сведува на три едноставни правила.

Тимови „две пици“

- Се обидуваме да создадеме тимови со големина да можат да изедат две пици. Ние тоа го нарекуваме правило на тим „две пици“ - рече Безос.

Ако некогаш сте биле на состанок со премногу луѓе, можете да ја разберете мудроста што лежи во ова. Колку е поголем тимот, толку е поголем бројот на мислења, што значи дека е потешко да се дојде до заклучок и до одлука. Уште ако на состанокот има некој што сака да го слуша само сопствениот глас, таквите состаноци се комплетно губење на време.

Меѓутоа, со правилото на тим „две пици“ добивате рамнотежа меѓу различните гледишта и идеи, додека истовремено сте и агилни.

Без „Пауер поинт“

- Во „Амазон“ не се користи „Пауер Поинт“ - гордо изјавува Безос.

Во неодамнешно писмо испратено до акционерите Безос детално ја опишува работата за правењето на белешките, кои имаат вистински реченици, а не само подредени поенти и вели дека за нивна изработка некогаш е потребна и една недела.

- Големите и важни белешки се пишуваат и се поправаат, ги споделувате со колеги кои ги замолувате да ви ги подобрат. Потоа ги оставате настрана неколку дена, за повторно да ги поправате кога умот ќе ви биде свеж и одморен. Тие едноставно не можат да се направат за еден-два дена - вели Безос.

Почнете со тишина

- На почетокот од состанокот само читаме документи. Тоа е како просторија за учење. Сите седат околу масата, а ние читаме тивко, обично околу половина час, колку и да ни е потребно за да го прочитаме документот. А потоа разговараме за тоа - вели Безос.

Можете да си претпоставите зошто ова е толку важно. Колку пати сте отишле на важен состанок за кој, покрај вашите најдобри намери, едноставно не сте подготвени колку што би сакале?

- Баш како и средношколците, раководителите ќе блефираат дека го прочитале дописот. Тоа е така затоа што сме многу зафатени. Затоа го имаме тој половина час на почетокот од состанокот за читање дописи и потоа никој не мора да се преправа - објаснува Безос.

Значи, запомнете: тимови колку за две пици, без „Пауер поинт“ и почнете со тишина. Следете ги овие три правила и ќе ги трансформирате вашите состаноци од губење време во извор на брилијантни идеи.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот