X
 14.05.2022 Наука

Поради климатските промени, океаните ја губат нивната „меморија“

Океаните се менуваат со климатските промени. Промените се манифестираат не само во температурата на океаните, туку и во нивната структура, струите, па дури и бојата.

Овие процеси ја прават инаку стабилната средина на океаните сѐ понепредвидлива и би можело да се каже дека океаните полека ја губат нивната „меморија“, велат научниците.

- Помнењето на океанот, односно постојаноста на неговите услови, е еден од главните извори на предвидливост во климатскиот систем. Сите индикации се дека меморијата на океаните, мерена преку постојаните аномалии на температурата на површината на морето, ќе се намалува во наредните децении - вели климатологот Дејзи Хуи Ши од Институтот „Фаралон“ во Калифорнија.

Научниците ги анализирале температурите во плиткиот горен слој на океанот, кој се нарекува мешан слој на горниот океан (MLD).

И покрај релативната плиткост на MLD, која се протега само на длабочина од околу 50 метри, овој горен слој обично покажува голема стабилност во однос на топлинската инерција, особено во споредба со варијациите во атмосферата.

Но, моделите покажуваат дека овој фактор на „помнење“ топлинска инерција во горниот дел на океанот ќе се намали на глобално ниво до крајот на векот и ќе има драстично поголеми температурни варијации.

okean
Фото: Freepik

Експертите велат дека ова ќе доведе до повисоко ниво на мешање на вода во горниот слој на океанот, што ќе ја намали неговата топлинска инерција и ќе го направи горниот дел почувствителен на случајни температурни аномалии.

Сè уште не е познато како сето тоа ќе влијае врз морскиот живот, но научниците велат дека таквите промени би можеле да имаат влијание врз популацијата на океаните.

Покрај тоа, губењето на „меморијата“ на океанот може да им ја отежне работата на научниците, односно да ги искомплицира предвидувањата за претстојната динамика на океаните, како што се предвидувањата за монсуните, морските топлотни бранови и периодите на екстремни временски услови.

Извор: Cbsnews.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука