X
 14.06.2018 Живот

Грците сакаат промена и на друго име

Грците што живеат на полуостровот Крим повикуваат на враќање на името Таврида, со што би му се оддало почит на минатото. Кримските Грци го сакаат името што полуостровот го носел до дваесеттите години од минатиот век, додека не станал дел од советските социјалистички републики.

Крим бил именуван како Таврида во 1783 година, кога станал дел од Русија. А името што сега се користи е во употреба од 13 век. Постои мислење дека Крим го добил името по аналогија со градот Кирим.

И дојде време Грците да побараат полуостровот да добие уште едно име. Републиката Крим треба да се вика Таврида, убеден е раководителот на Регионалната национално-културна автономија на Грците на Крим, Иван Шонус.

- Грците ја донеле цивилизацијата на полуостровот и затоа му е дадено грчко име. Долго време полуостровот се викал Таврида, така што никого нема да навредиме, знаејќи дека во Русија постојат такви преседани, како што се Северна Осетија - Аланија и Јакутија (Саха). Крим исто така заслужува историски да се вика Република Крим - Таврида. Покренуваме иницијатива за спроведување на тој факт - истакна Шонус.

Тој е убеден дека второто име претставува уште еден чекор кон меѓународното признавање на референдумот од 2014 година бидејќи во манифестот на Катерина Втора за влегувањето на Крим во состав на Русија, полуостровот станал дел од Тавридска губернија и долги години се викал само Таврида.

Според претседателот на грчката дијаспора, нивните претставници веќе известиле и испратиле писма до многу инстанции, од каде што им било одговорено дека предлогот е интересен, но на патот кон неговото остварување ќе биде неопходно да се совладаат некои тешкотии. Шонус истакна дека кримските Грци ја изнесуваат својата идеја пред јавноста и дека ќе ја промовираат на секој можен начин.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот