X
 14.06.2018 Забава

Освежувања на „Месинџер“, „Снепчет“ и на „Инстаграм“



„Снепчет“ најави опција што ќе им се допадне на многу брзоплети корисници, „Инстаграм“ сака да воведе голема новина во начинот на кој гледаме видеа, а „Месинџер“ се подготвува за Светското првенство во фудбал.


Апликации на смартфон
(Фото: Pixabay)


Во светот на социјалните мрежи постојано нешто се менува – сопствениците, дизајнот или нови опции и функции. Издвојуваме неколку новини што наскоро ќе ги доживеат корисниците на „Снепчет“, „Инстаграм“ и „Фејсбук“.

Нема повеќе „Леле, случајно ѝ пратив порака на погрешна личност“!


На своите корисници „Снепчет“ им овозможи бришење на пораките за да не можат да ги видат другите корисници. Ова би можело да биде корисно за сите што случајно ќе пратат порака на погрешна личност или ако се премислат во последен момент. Функцијата се вика „избриши го разговорот“, а во текот на наредните недели би требало да биде достапна за сите.

* За да избришете порака што сè уште не е прочитана, задржете го прстот врз текстот, сликата, видеото, стикерот или гласовната порака и ќе го забележите копчето Избриши.

* Кликнете на понудената опција и „Снепчет“ ќе се обиде да ја избрише испратената порака, но ве информира дека опцијата нема да функционира доколку примачот нема интернет-врска или користи застарена верзија на апликацијата. Примачот исто така ќе биде известен дека одредена порака е избришана.

Функцијата „избриши го разговорот“ би можела да им го олесни праќањето чувствителни податоци преку „Снепчет“ на корисниците. Апликацијата автоматски ги брише пораките откако корисниците ќе ги прегледаат, освен ако примачот не направи „принт скрин“ или не ја зачува пораката, нешто што не може да го види другата личност, пишува „TechCrunch“.

Добри вести за влогерите на „Инстаграм“

Минатата недела „TechCrunch“ извести дека „Инстаграм“ ќе воведе нов канал (feed) за подолги видеосодржини, што би требало да биде лансиран на 20 јуни. Ова е можност „Инстаграм“ да еволуира од социјален медиум во „вистински“ медиум и на тој начин да им ја украде публиката на „Јутјуб“ и на „Снепчет“.

Еве што би требало да содржи новата функција:

* „Инстаграм“ ќе им овозможи на корисниците да пренесуваат видеозаписи во 4К резолуција. Квалитетот би требало да биде сличен со квалитетот на исечоците какви што ги гледаме на „Јутјуб“, но сепак нема да биде на нивото на оние што ни ги овозможуваат „Нетфликс“ или Ејч-би-о.

*Ќе траат подолго од 60 секунди, колку што е моменталниот лимит. Ќе се прикажуваат на целиот екран и ќе бидат приспособливи и на содржини снимени во вертикална положба.  

* Новите видеозаписи ќе бидат достапни од централизирано место што ќе содржи популарни видеозаписи и опција за продолжување на прикажувањето на записот доколку тој бил запрен. Сè уште не е јасно каде ќе биде поставен новиот канал (feed) во апликацијата.

* Среќна вест за професионалците е тоа што покрај видеото ќе може да додадат и хајперлинк до е-продавница или интернет-страница.

* Ни инфлуенсерите нема да бидат заобиколени. „Инстаграм“ сака да им допушти на создавачите да заработат од своите видеозаписи, може и во форма на оглас, при што креаторите потенцијално ќе остваруваат заработка.

На „Месинџер“ пристигнуваат две новини

Светското првенство е на прагот и никој не може да остане имун на фудбалската треска, па така ни „Фејсбук“. Според тоа, „Месинџер“ добива неколку функции што ќе го следат овој глобален настан, вклучувајќи нови опции за камерата и неколку игри за играње со пријателите.

Во духот на првенството, фотоапаратот за „Месинџерот“ нуди филтри во боите на националните знамиња и „свечени перики“ наменети за секој натпреварувачки тим, заедно со ефекти што содржат знамиња од секоја земја.

Неколку игри, како што се „Keepie Uppie“ и инстант-играта „The Score“, имаат посебни верзии за Светскиот куп, а новата игра „Golden Booti“ им овозможува на играчите да ги покажат своите вештини за изведување слободен удар, пренесува „Engadget“.

Но тоа не е сè што „Фејсбук“ подготвува за „Месинџер“. Портпаролот на „Фејсбук“ за „TechCrunch“ потврди дека ќе намалат со праќањето на „пораките за добре дојде“. Тоа се оние пораки што ги добиваме откако ќе додадеме нов пријател или некој од пријателите ќе ја инсталира апликацијата.

Еве што велат за тоа од „Фејсбук“:

„Откривме дека многу луѓе го поздравуваа известувањето кога некој пријател ќе им се придружи на ’Месинџер‘. Работиме на тоа таквите известувања да ги направиме уште покорисни, односно корисниците што не ги сакаат да ги добиваат сè поретко. Ги цениме сите повратни информации што ни ги праќаат луѓето, па ги замолуваме така да продолжат бидејќи тоа ни помага да го подобриме производот“.

Тоа значи дека таквите пораки нема во целост да исчезнат, туку дека со текот на времето, ако не ги отворате – ќе се намалуваат. 
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Забава