X
 14.07.2025 Живот

Германските власти предупредија: Фалсификуваната стока купена на одмор може скапо да ве чини

Кој ќе купи лажно брендирани производи на летниот одмор, може да се соочи со високи казни - како на местото каде што одмора така и во Германија. Може да има проблеми и со германската царина, пишува „Тагесшау“.

Шик очила за сонце, брендиран часовник или дрес од омилениот фудбалер - многу туристи подлегнуваат на искушенијата на плажа или на пазарите во туристичките дестинации. Но, наводните поволни зделки на одмор често се фалсификувани производи. А кој ќе ги купи, може да биде повикан на одговорност.

- Така, на Мајорка, во борбата против илегалната улична трговија, во која циркулираат многу фалсификувани производи, сега се казнуваат и купувачите. Според тамошните медиуми, во еден случај била изречена казна од 750 евра за купување очила за сонце од уличен продавач - соопшти Германската служба за патенти и трговски марки (ДПМА).

Покрај Шпанија, и Италија изрекува строги парични казни за купувачи на фалсификувани производи, велат оттаму.

- Трговијата со фалсификати им штети на оригиналните производители, чини работни места, а понекогаш дури и го загрозува здравјето на потрошувачите. Во многу случаи фалсификатите се дистрибуираат од криминални мрежи. Кој ги купува, поддржува организиран криминал - објасни претседателката на ДПМА, Ева Шевиор.

Секој што патува назад во Германија со фалсификуван производ или испраќа нелегална стока дома како пакет, мора да очекува и дека царината ќе ја конфискува и уништи стоката.

Според Шевиор, во 2024 година германската царина во 16.857 случаи запленила нелегална стока. Поголемиот дел биле поштенски пратки.

Извор: Tagesschau
Фото: Freepik

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот