X
 14.08.2018 Наука

Живот во природа, во град или покрај море - каде се живее најдолго?

Колку за среќен живот придонесува близината на морето и на шумата и дали има смисла сите да почнеме да се селиме во руралните краишта?

Дали повеќе сте за живот во урбана средина преполна со асфалт и забрзано темпо или повеќе ја сакате природата? Начинот и местото и тоа како влијаат врз квалитетот на нашиот живот.

Научниците започнале со анализа на условите кои и во градовите и во природата придонесуваат за среќа и целокупно здравје. Нијансите се покажуваат како важни, а навидум „ситните“ детали може да влијаат врз тоа како ќе се чувствувате.

- Идејата е да не се промовираат работи само затоа што така ни се чини дека треба, туку да најдеме аргументи за сѐ и да анализираме цела низа фактори за да сфатиме што точно влијае врз нас и како можеме да си го направиме животот поквалитетен - вели Метју Вајт, психолог од Медицинското училиште во Егзетер.

Како што вели тој, секогаш треба да се има на ум како личноста растела, што приватно сака и кон што се стреми, како била воспитана и во каква социо-економска состојба се наоѓа.

Генерално гледано, сѐ сугерира дека зелените површини се добри за оние што живеат во урбаните средини. Научно е докажано дека престојувањето во природа го намалува нивото на стрес и го намалува крвниот притисок. Само седејќи под стебло, ослободуваме повеќе „клетки убијци“ што лутаат низ нашето тело и ги „убиваат“ канцерогените клетки или клетките на инфицираните вируси. Но тоа не значи дека треба да се испразнат градовите и сите да одат на село.

Оние што живеат во големите градови повеќе заболуваат од астма, алергија и депресија, но помалку се склони кон самоубиство и помалку страдаат во несреќи. Посреќни се на постари години и генерално живеат подолго.

Оние што живеат во градови на 2.500 метри надморска височина се чини дека имаат помал морталитет од кардиоваскуларни болести, мозочен удар и некои видови рак, но се во поголема опасност од хронични болести на белите дробови. Најздрав е животот помеѓу 1.500 и 2.500 метри.

Животот е подобар некаде во близина на вода, односно идеален е на море. Оние што живеат во близина на океан во просек се поздрави од оние што живеат далеку од океанот. Луѓето можат повеќе да се движат и да имаат повеќе витамин Д. Постојат и јасни психолошки придобивки. Истражување од 2016 година направено во Велингтон, Нов Зеланд, покажува дека оние што некаде во близина на местото каде што живеат имаат поглед на море - се помалку под стрес.

Меѓутоа, и тука постои разлика. Не е ист животот крај плажа во Исланд со животот во Флорида. Станува збор за комплексни фактори, како што се квалитетот на воздухот и на водата, бројот на жители и слично.

- Може да има милион други важни работи освен климата и количината на сончеви зраци кога ќе ги споредиме Хаваи и Финска - вели Вајт.

Податоците сепак покажуваат дека оние што живеат во места каде што нема често сонце, како северниот дел на Франција или Данска, често добиваат меланом, за разлика од оние што живеат во Флорида, бидејќи нанесувањето крем за сончање не им е практика.

Од квалитетните услови и изложеноста на зеленило и близината на морето повеќе придобивки имаат оние со помала куповна моќ. Зошто? Затоа што побогатите можат да си купат сѐ што им е потребно за да го одржуваат своето здравје - патување, исхрана, одмор...

- Одличните паркови и прошетките најмногу ќе им помогнат на сиромашните - вели Вајт.

Секако, врз нашата среќа и здравје не влијае само близината на плажата или шумата, туку и фактори како бракот, квалитетот на работата и приватната среќа.

- Секако, поважно е да имаш куќа отколку да си бездомник во паркот - вели Вајт.

Ако суштината на сѐ е да се живее во минимално загаден град на брегот со лесен пристап до природа, тогаш победници се градови како Сиднеј и Велингтон.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука