Од целовечерните техно-маратони до опуштено пиење пиво крај морскиот брег, ноќната сцена на Европа и понатаму ги држи посетителите на подиумите за танцување сè до раните утрински часови. Сепак, традиционалната карта на ноќниот живот станува сè повозбудлива бидејќи на неа се пробиваат и некои помалку очекувани имиња, покажа големото истражување на глобалното списание „Тајм аут“.
Берлин - неприкосновен владетел на европските ноќи
Германската престолнина го потврди статусот на европски број еден, заземајќи високо второ место на светската листа. Дури 78 проценти од локалците го оценија берлинскиот ноќен живот како добар или извонреден, додека стручното жири му додели совршени 100 проценти од бодовите. Иако градот е познат по легендарната клупска сцена, берлинците не ги поминуваат викендите исклучиво во мрачни сали танцувајќи на техно до изгрејсонце. Дури 62 проценти од испитаниците истакнаа дека опуштените маалски барови и пабови се најдобриот дел од излегувањата, што докажува дека ноќниот живот во Берлин може да биде едноставен како одење на пиво во соседството.
Брајтон - британско крајбрежно изненадување
Второто место во Европа (и осмото во светот) му припадна на британскиот крајбрежен град Брајтон. Овој живописен град доби исклучително високи оцени за чувството на заедница – дури 84 проценти од локалното население тврди дека таму е неверојатно лесно да се склопат нови познанства и да се поврзеш со луѓето. Според вкупниот квалитет на ноќниот живот (83 проценти позитивни оцени), Брајтон го дели светското високо место со Сеул. Како што заклучуваат авторите на истражувањето: Лондон можеби има поизвикани клубови, но Брајтон ги има луѓето со кои навистина сакате да одите во тие клубови.
Амстердам - сцена што се шири надвор од центарот
Европската „топ-три“ листа ја затвора Амстердам, кој го зазеде десеттото место. Дури 77 проценти од локалците наведуваат дека во холандската престолнина е многу лесно да се најде својата екипа и да се добие чувство на припадност. Градската ноќна сцена веќе одамна се прошири надвор од строгиот историски центар, па маала како Норд, Ост и Де Пајп станаа нови жаришта на одлични вечерни и ноќни настани.
Шест европски градови во светските топ-20
Иако традиционалните метрополи и понатаму се многу силни, европската клупска понуда денес е поразновидна од кога било. На листата со 20 најдобри градови во светот се најдоа вкупно шест европски претставници:
Берлин (2. место во светот)
Брајтон (8. место во светот)
Амстердам (10. место во светот)
Порто (11. место во светот)
Атина (13. место во светот)
Мадрид (14. место во светот)
Фото: magnific