X
 14.11.2022 Живот

Мурал на Бенкси од гимнастичарка поставен на гранатирана зграда во Украина

Познатиот уличен уметник Бенкси го претстави своето најново дело на гранатирана зграда во Украина.

Бенкси објави слика на неговиот инстаграм-профил од уметничкото дело во кое гимнастичарка прави стој на раце среде остатоците од урнатата зграда во Бородјанка, Украина.

Муралите забележани во и околу главниот град на Украина, Киев, доведоа до шпекулации дека анонимниот уметник работи во оваа земја.

Друг мурал, за кој не е официјално потврдено дека е дело на Бенкси, прикажува човек кој личи на Владимир Путин поразен во џудо од дете.

Уметникот објави три слики од муралот со гимнастичарката во урнатините како последица од руското гранатирање, со натпис: „Бородјанка, Украина“.

Бородјанка беше едно од местата што беа најтешко погодени од руското бомбардирање на Украина веднаш по инвазијата на 24 февруари.


Руските војници го окупираа градот кој се наоѓа на околу 48 километри северозападно од Киев, во почетната фаза на војната, пред на крајот да биде ослободен од Украина во април.

Второто уметничко дело во Бородјанка, за кое не е потврдено дека е од Бенкси, прикажува човек кој личи на Владимир Путин како е поразен од дете во џудо-натпревар. Рускиот претседател има црн појас во џудо и е обожавател на борачките вештини.

путин
Фото: Dw.com/Screenshot

Третото уметничко дело, за кое се претпоставува дека е од Бенкси, покажува гимнастичарка која има обрач на вратот, а настапува на врвот на отворена дупка на зграда во Ирпин.

девојка
Фото: Dw.com/Screenshot

Градот, кој се наоѓа на периферијата на Киев, беше место на озлогласениот масакр на стотици цивили од страна на окупаторските војници.

Четвртото дело, кое исто така наликува на препознатливиот стил на Бенкси, е насликано со спреј, а прикажува две деца кои седат на мeтални стапици за тенкови и ги користат како клацкалка. Уметничкото дело е насликано на бетонски одбранбен блок во Киев.

клацкалка
Фото: Imgur

Бенкси е еден од најпознатите уметници во светот и до ден-денес не се знае неговиот вистински идентитет.

Се прослави со многу уметнички дела низ Бристол во раните 90-ти години. Но, низ годините неговата работа се појавуваше и во Париз, Њујорк и Јута.

Извор: ВВС
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот