Не постои општество каде што сите се еднакви. Тоа е клучната порака на новото истражување кое го оспорува идеалот за совршено егалитарно човечко општество.
Антропологот Данкан Стибард-Хокс и неговиот колега Крис фон Руден разгледале обемни докази, како што се етнографски извештаи и детални теренски набљудувања од современи групи кои често се сметаат за егалитарни, односно каде што сите се еднакви по моќ, богатство и статус.
Тие групи ги вклучувале танзаниското племе Хаџа, малезискиот народ Батек и племето Кунг од пустината Калахари. Истражувачите биле поттикнати од општата конфузија околу дилемата како да се дефинира егалитаризмот и желбата да се побие идејата за „благородниот дивјак“, што сугерира дека непримитивните луѓе живеат морален, мирен живот во блиска врска со природата.
Клучни наоди
По прегледот на доказите, Стибард-Хокс и Фон Руден откриле дека ниедно човечко општество не е навистина еднакво, па дури и таканаречените егалитарни општества покажуваат мерливи нееднаквости во неколку клучни области: големината, вештините и здравјето (отелотворен капитал), мрежите и сродството (социјален капитал), полот, возраста, знаењето и репродуктивниот успех.
На пример, тие откриле дека во племето Кунг, каде што нема формални политички функции или шефови, се појавуваат поединци кои ги носат колективните одлуки. Податоците, исто така, откриле родови нееднаквости, при што жените обично го носат поголемиот товар од грижата за децата, што може да ги ограничи нивната автономија и слобода на движење.
Друга област каде што не се постигнува еднаквост се материјалните ресурси. Иако луѓето во овие групи немаат многу лични поседи, постојат нееднаквости во тоа кој ја контролира распределбата на вредни средства, како што се месото и пристапот до ловиштата.
Овие докази ги навеле истражувачите да го оспорат традиционалниот поглед на егалитаризмот: „Егалитаризмот не е еднаквост, без разлика дали во исходот или мотивацијата“.

Личен интерес
Според истражувањето, причината зошто некои општества изгледаат егалитарни не е поради индивидуалниот алтруизам. Наместо тоа, релативната еднаквост е новонастаната карактеристика што произлегува од постојаното борење на поединците да ги заштитат сопствените интереси. Оваа борба вклучува користење на специфични алатки, како што се барање порции храна од оние што ја имаат (споделување на побарувачката), споделување ресурси меѓу групата, како колективна полиса за осигурување од индивидуална лоша среќа (здружување на ризикот) и соборување на секој што се обидува да ја преземе контролата (нивелирање на статусот).
-Ги редефинираме егалитарните општества како оние каде што социо-еколошките околности им овозможуваат на повеќето поединци успешно да го обезбедат својот пристап до ресурси, статус и автономија – велат истражувачите.
Според ова објаснување, еднаквоста не се смета за природна состојба, туку за тешко стекнато достигнување.
Извор: phys.org
Фото: Freepik