Сѐ поголемиот број случаи на хроничен стрес би можеле да произлегуваат од длабока несоодветност меѓу современиот живот и нашата биологија, покажува ново истражување. Со други зборови, нашите тела и умови еволуирале за живот во природата, а не во бетонските џунгли во кои денес најчесто живееме.
До овој заклучок дошле еволутивните антрополози Колин Шо од Универзитетот во Цирих и Даниел Лонгман од Универзитетот „Лафборо“. Во својот труд, објавен во списанието „Бајолоџикал ривјус“, тие собрале многу докази кои укажуваат дека брзите технолошки и еколошки промени нѐ надминале. Преполни сандачиња со е-пошта, бучни градилишта и немилосрдни рокови на работа се само дел од секојдневните предизвикувачи што ги држат нашите тела во постојана состојба на готовност, а тоа е состојба за која не сме еволутивно создадени.
Борба со лавови што никогаш не исчезнува
Шо објаснува дека нашите предци биле совршено приспособени за носење со акутен, краткотраен стрес.
- Во нашата праисторија, сме биле добро подготвени да се соочиме со акутен стрес за да избегаме или да се избориме со предаторите. Бори се или бегај. Лавот повремено се појавувал, а вие требало да бидете подготвени да се одбраните или да побегнете - објаснува тој.
Клучната разлика е што опасноста тогаш исчезнувала.
- Важно било лавот да замине. Таквиот севкупен напор го гарантирал преживувањето, но бил многу исцрпувачки и барал долго закрепнување - додава тој.
Проблемот е што во 21 век „лавовите“ никогаш не исчезнуваат. Без разлика дали станува збор за тешка расправија со партнер или шеф, или за сообраќајната бучава, вашиот стрес-одговор е ист како да се соочувате со низа лавови. Како последица, имате силен нервен одговор, но без можност за опуштање, објаснуваат истражувачите.
Цената на современиот живот
Оваа постојана состојба на стрес нанесува огромна штета. Истражувачите тврдат дека когнитивниот пад, порастот на автоимуните заболувања, па дури и намалената плодност би можеле директно да бидат поврзани со стресот на современиот живот во брзи, урбани средини.
Истражувањето поврзува широк спектар на податоци: од послабата физичка кондиција во урбаните области и врската меѓу загадениот воздух и оштетувањето на мозокот до поврзаноста меѓу ослабениот имунитет и индустријализираната средина.
Враќањето кон природата како решение
Иако човештвото постигнало неверојатен напредок во медицината и технологијата, како вид сме поанксиозни и подепресивни отколку нашите предци. Решението можеби е поедноставно отколку што мислиме. Многу истражувања покажуваат дека времето поминато во природа, па дури и само гледањето фотографии од природни предели, значително го подобрува физичкото и менталното здравје. Еволутивно, природата и понатаму е местото каде што припаѓаме.
Токму тоа е насока за иднината. Шо и Лонгман повикуваат на поголеми напори за зачувување на зелените површини во градовите, на заштита на преостанатите природни пејзажи и на создавање простори во кои луѓето ќе можат да се „исклучат“.
- Нашето истражување може да идентификува што најмногу влијае врз крвниот притисок или срцевиот ритам и тоа знаење да им се пренесе на носителите на одлуки. Заклучокот е јасен: мораме правилно да го обликуваме современиот живот - вели Шо.
Извор:
021.rs
Фото: Pixabay