X
 14.01.2015 Култура

Петделната шема на македонското бестселерџиство

Сведоци сме на еден невообичаено висок степен на деволутивен развој во денешната уметност.

Не само во државава, тоа е случај со светската уметност воопшто.

Ако ја земеме предвид официјалната листа на Ranker.com за најчитани книги во 70-те години на минатиот век, ќе забележиме имиња од рангот на еден нобеловец од типот на романескниот А. Солжењицин, еден брилијантен есеист и романописец од типот на Г. Видал, драматургот Ирвин Шо кој со своето творештво ги собрал сите позначајни светски награди кои традиционално се доделуваат за овој жанр (исто така пишувал романи и кратки раскази), постмодерната икона К. Вонегат позната по култните „Кланица пет“ и „Појадок за шампионите“, добитникот на реномираната Пулицерова награда Џејмс А. Миченер, Џон Апдајк и тн.

Mалку поинаква е ситуацијата и во 80-те, кога покрај имињата на некои од погоре споменатите, листата е надополнета со имиња од науката од типот на Карл Саган, Артур Кларк, како и малку покласични „бестселерџии“ од типот на Стивен Кинг, Даниела Стил, Харолд Робинс, Сидни Шелдон…



Во 90-те, пак, веќе забележуваме доста понагол тренд на речиси целосна доминација на авторите од вториов тип, вбројувајќи ги овде Џ. К. Роулинг, Џон Гришам, Мајкл Крихтон, Т. Ле Хеј и Џ. Џенкинс, Џејмс Патерсон, Патриша Корнвел, Т. Кленси, Ч. Фрејзер, заедно со претходно споменатите Д. Стил и С. Кинг, за да веќе во 2000-те и 2010-те просечниот читател се адаптира на стопроцентна доминација на автори-протагонисти на 5-делната шема срцепарателна љубов-секс-криминал-откривање загадочни мистерии-борба за спас на светот или себеси (литература за самопомош).

Употреби барем 2 од овие 5 елементи во роман, напиши го на стил разбирлив за 99 отсто од публиката и доколку ги имаш вистинските луѓе на вистинско место за широка, мега-маркетинг кампања, можеби и ќе успееш да се вклопиш во веќе одамна мекдоналдизираната современа книжевност, а потем и да стигнеш до ѕвездена популарност.

Дури и на домашно тло.

Сведоци сме на апсолутна и досега непреиспитана на сериозен начин (ниту во академските кругови, ниту во пошироката јавност) доминација на стриктно ПОПУЛИСТИЧКИ-ОРИЕНТИРАНИ, НЕТАЛЕНТИРАНИ и НЕИСКУСНИ, односно НЕКВАЛИТЕТНИ автори како на проза, така и на поезија во македонската современа литература.

Добар дел од овие инстант-популарни „писатели“, како што знаеме, воопшто и не се тоа, туку успехот во други области, особено шоубизнисот, го „шлепаат“ и во литературата, знаејќи дека како популарни личности што и да направат ќе привлече внимание.

Клучот за успехот/популарноста на овие автори, како и успехот во секоја област на човековото дејствување, може да се сведе на 2 фундаментални сегменти: 1. УПОРНОСТ/ТРУД – постојана активност по социјалните мрежи и вебсајтовите/блоговите на кои ги споделуваат своите содржини; и 2. МАРКЕТИНГ – веќе споменатата поврзаност со лица од шоубизнисот, естрадата и другите сфери на популарниот живот кои можат да помогнат околу медиумското покровителство на делото.

Ако ме прашате кои се овие автори, НЕМА да одговорам, претпоставувајќи дека како читатели сте повеќе од свесни.

Пред речиси две и пол илјади години Платон рекол „При допирот со љубовта, секој станува поет“.

Прашањето кое овде се поставува е за каква љубов станува збор во случајот со популарната македонска литература?

Дали станува збор за тоа да се пишува искрено и од срце, или пак, можеби за љубов кон тоа да се биде повикан од издавачка куќа и потапшан по рамо од секој втор, а следствено и да се заработува од пишување?

Пред неколку години присуствував на промоција на книга на автор кој ги има добиено сите национално значајни награди за литературата, а истовремено и автор, кој покрај домашните, е исто така добитник на десетици меѓународни награди за литература.

На промоцијата во огромната сала некаде во строгиот центар на Скопје присуствуваше едноцифрен број луѓе од кои само двајца ја купија книгата, која подоцна стана добитник и на високо признание.

Се чудиме зошто општеството ни се дави во бездната на некоја стерилно нема кич-уметност, но никој од нас не се чуди дали е ова начинот на кој треба да постапуваме кон УМЕТНОСТА?

Пишува: Стефан Марковски

Објавувањето колумни од надворешни автори е одраз на намерата „Факултети.мк“ да биде влијателен глас на студентите и младите луѓе. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Факултети.мк“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура