X
 05.03.2020 Култура

Ќе ги сфатиме ли некогаш (пак) книгите како што треба да ги сфатиме?

„За да уништиш култура не е потребно да ги изгориш книгите, доволно е да ги натераш луѓето да престанат да ги читаат.“ – Реј Бредбери

Реј Бредбери (1920-2012) е авторот кого Њујорк тајмс во 2012 година го одреди како „најодговорен за воведувањето на современата научна фантастика во мејнстрим-литературата“, а горенаведената изрека се однесува на парагонот на дистописката книжевност, „Фаренхајт 451“ каде што главниот лик Гај Монтег има улога на цензор реализирајќи улога на „пожарникар“, односно човек кој ги гори книгите, бидејќи се забранети (самиот роман Бредбери го напишал во библиотека). Како што произлегува од цитатот, многу поефикасен метод за културна дезинтеграција или разнебитување на еден социо-културно-вредносен континуум може да биде едноставното игнорирање на книгите и литературата, како еден од интелектуално-експресивните уметнички медиуми.

Младите луѓе на денешнината опфатени во хроносоцио-економските категории миленијалци и генерација З се преседан на влијанието на социјалните мрежи врз севкупата перцепција и однос кон уметноста, што секако ја вклучува и класичната литература. Редефинирањето на сето она што го претставува класичната литература е континуиран трансисториски процес, а сепак во интернет-ерата со експоненцијален развој е таков во кој можеби првпат во историјата се кристализира став на сеопшта пасивност кон секакви подолги нетривијални четива.

Во комбинација со изразитото нетрпение и хиперактивност на миленијалците и Ген З, феномени од типот на т.н. активистичка литература (без оглед на тоа кои сѐ поими би биле опфатени под чадор-терминот „активизам“) како и литературата од луѓе кои по однос на својата примарна дејност не само што се писатели, туку нанесуваат штета врз перцепцијата на сето она што е литературата кај своите предодредени целни групи, доаѓаме до ситуација во која маневарскиот простор на писателите-поборници за зачувување на некои естетички критериуми кои ги имаме во класиците зависи наполно, покрај од еден стандардно ограничен круг читатели и критичари, од институционалниот третман.

Институциите, особено во средини како македонската, се јавуваат како единствениот механизам со можност да го спречи натамошното девалоризирање и игнорирање на развојната естетика во литературата; немањето осет, кувет, визија и сериозност од нивна страна не може да резултира во друго освен продлабочување на несериозниот пристап на самите читатели и на авторите.
Патем кажано, во очи на неодамна објавените резултати од конкурсите на некои општини за поддршка на културата како оној во мојата родна Гевгелија, каде општинските власти одлучиле да издвојат гротескни 50 000 денари за објавување вкупно 5 книги (или попрецизно, 40 000 за 4 книги, со оглед дека немам намера да си го дозволам учеството во таквиот бизарен „конкурс“) или оние на Министерството за култура, каде веќе неколку години по ред безмалку анонимни проект-автори (од не помалку анонимни проект-издавачки куќи) се поддржани со комично високи суми дали по етничка, идеолошко-политичка или друга линија за сметка на сите останати, блика прашањето: дали рушењето на секоја надеж за елементарно оддржување на „книжевниот живот“ (или и досега „утепано“ хибернирачко читателство) во Македонија и помалите места е сепак, пред сѐ, резултат на незнаење или станува збор за една фарсично планска ситуација на игнорирање на обидите за изградба на култура?

Дополнително на сето ова, несериозните политики и културен менаџмент, кој не може да се редуцира ексклузивно на финансиски менаџмент, водат до кланско-клиентелистички пристап, а центрифугална сила на кланството и клиентелизмот е медиокритетот како стварносен механизам на тивок суицид манифестиран преку дијапазон и образец на повторливи поединечни „достигнувања“ и затворени однесувања што доведува до дополнително губење на мотивацијата на сите оние кои посегнуваат да ги бајпасираат постојните идеолошко-политички и останати перипетии додека се обидуваат да го остварат својот придонес во литературата.

Со сета фругалност на своето постоење, македонската литература е подведена колку од себе самата, толку и од другите (вон)институционални фактори на сеприсутно и сефарсично живуркање на работ од својата клиничка смрт отелотворена во фамозното предупредување на Бредбери.
Ќе ги сфатиме ли некогаш (пак) книгите како што треба да ги сфатиме?

Пишува: Стефан Марковски, писател

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура