X
 20.06.2015 Образование

Средно училиште за бездомниците

3

 

За децата од Монарх училиштето во Сан Диего, кадешто 93% од учениците немаат постојано живеалиште, добивањето на диплома значи дека позади себе оставаат сигурен извор на храна, облека, здравствено осигурување и многу повеќе.


Како и повеќето тинејџери и 17 годишната Андреа сака да заврши средно училиште, да се запиши на факултет и да изгради кариера. Меѓутоа, сето тоа се чини многу далеку со оглед на тоа што таа се`уште не може да матурира бидејќи нејзиното семејство е без покрив на главата уште од нејзината 12 годишна возраст. Во последните 5 години таа е ученик на Монарх училиштето во Сан Диего, училиште само за бездомници. Ова е најголемото училиште од овој вид

Монарх било основано во 1987 година од еден наставник. Во 2001 година училиштето се пресели во голема зграда во соседството Мала Италија во Сан Диего, а една година подоцна го достигна својот капацитет. Во 2013 година, Монарх се повторно се пресели во Барио Логан соседството. Многу од учениците не живеат во близина; тие доаѓаат од сите делови на округот Сан Диего. Монарх не оди да ги собира децата од улица за да учат; менаџерот Кетрин Филд вели дека на учениците најчесто им се кажува за училиштето, и тие буквално се појавуваат на врата.

 

1


Повеќето бездомни ученици во Америка одат во редовните училишта, а федералниот закон им овозможува да останат во училиштето иако семејството се преселува. Според официјалните податоци 1.2 милиони деца се бездомници, од кои повеќе од 22.000 има во Сан Диего.

Џо Вајсмен, директорот на училиштето вели дека едуцирањето на бездомните ученици не е лесно. Тие често пати доаѓаат во Монарх откако оделе во неколку средни училишта во различни градови. Она што е важно, вели Вајсмен е тие да се чувствуваат безбедно.

„Сите ученици ја делат истата приказна. Не постои причина да се срамат, ги елиминираме сите тие бариери. Секој ден доаѓаат на безбедно место и се фокусираат на учењето“.

„Голем дел од учениците се емоционално вознемирени, а дел биле родени од мајки кои се бореле со зависности. Нашите ученици поминале низ ужасни, ужасни работи. Некои од нив пропуштиле доста многу години школување“, велат од училиштето.

Бездомните деца генерално се делат во две категории: оние кои живеат со семејства и оние кои се целосно сами. Мнозинството во Монарх училиштето, спаѓаат во првата категорија. 75% живеат со роднини, пријатели или други семејства.

Една од причините поради која им е тешко на бездомните ученици е стресот со кој се соочуваат во своите животи. „Тие понекогаш имаат проблеми и не можат да размислуваат јасно, не можат да резонираат и да решаваат проблеми. Влијанието на траумата може да го попречи учењето“, вели Марисол Алварадо, директорка за поддршка на студентите во Монарх училиштето.

Постојат и други работи кои се поврзуваат со стресот на учениците вклучувајќи и користење на дроги, сиромаштија, лоша исхрана, недостаток на здравствено осигурување, небезбедност и пренаселеност.

Дури и ако учениците од Монарх дипломираат, ефектот кој стресот го имал врз нивните детства го отежнува созревањето кај овие деца.

 

1


Монарх е само едно училиште исклучиво за бездомни ученици, а овој пристап не поминува без критики. Барбара Дафилд, директор на програмата на Националната асоцијација за образование на бездомните деца и млади, не верува во одвојување на бездомните деца од општата популација.

„Бездомните ученици треба да бидат интегрирани во редовните училишта за да доживеат степен на нормалност. Голем број организации можат да обезбедат чевли и облека за учениците. За нив е важно да бидат дел од хорот, од дебатниот клуб, од часовите со учениците кои имаат покрив над главата. Тоа што се бездомни не е доволна причина тие да бидат разделени и да не учат во редовни училишта“, вели таа. 
Подготвил: Тамара Мисирлиевски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование