X
 22.06.2016 Образование

Што децата треба да учат на рана возраст?

Децата се раѓаат со вродена способност да учат во речиси секоја животна средина и за било што. Потребно е воспитувачите да знаат кои работи можат да ги очекуваат од типичното три годишно дете и децата да ги запознаат како индивидуи, со единствени способности, интереси и начин на размислување.

 

деца


Ерика Кристакис, експерт за рано детско образование и предавач од реномираниот детски истражувачки центар на Универзитетот во Јеил се обидува подлабоко да навлезе во ова тематика во својата најнова книга: „Важно е да се биде дете: Што на децата од предучилишна возраст навистина им е потребно од возрасните?“

Кристакис тврди дека денешните деца од претшколска возраст ја поминуваат својата клучна прва година на учење во опкружување кое ги игнорира или погрешно ги толкува нивните потреби. Таа исто така наведува дека за децата од претшколска возраст би било подобро возрасните „да им се тргнат од патот“ такашто ќе им обезбедат повеќе простор за учење базирано на игра наместо напорни и здодевни лекции. Потребно е возрасните да создадат помалку натрупана животна средина во која малите љубопитни суштества ќе можат гласно да размислуваат. Потпирајќи се на истражувањата и личните искуства во работењето со децата, Кристакис со своите совети (кои се надвор од вообичаениот рецепт - помалку тестови, повеќе игра) открива кој е најдобар начин да им се помогне на малите деца да учат, растат и да се развиваат во текот на првите години од животот. Нејзините предлози можат да се карактеризираат како промена на физичкото опкружување за учење, наставните содржини и воспоставување на блиски односи помеѓу наставниците и децата.

 

1


Создавање на едноставна средина за учење

Кога ќе се потсетиме како изгледаа нашите училници во градинка, ни се враќаат слики од шарено декорирани простории, додека на ѕидовите се наоѓаат интересни постери, табели со бројки и букви и друг едукативен материјал. Но, Кристакис тврди дека во ерата на прекумерната стимулација на децата преку телевизијата и различните апликации, за децата потребни се празни ѕидови и ограничен број играчки. Наместо да се потрошат пари за постери и останати визуелни содржини, авторката истакнува пример за училница со празни ѕидови на почетокот на училишната година. Како што времето поминува, децата можат сами да изберат која содржина ќе биде ставена на ѕидот за да ги покажат работите кои ги научиле.

Кристакис се залага за ограничен број на играчки и помала употреба на технолошки напредни уреди. Помалкуте играчки ќе поттикнат размислување и независност кај децата, со што тие ќе ја истражуваат сопствената имагинација и светот. Оставени на нивните идеи, младите деца сами ќе создаваат игри, активно ќе комуницираат со другите деца и ќе се фокусираат на вештините соодветни за нивната возраст. При изборот на играчки за во училницата, наместо таблети и телевизија, Кристакис постојано нагласува дека поедноставни опции како што се шарените коцки. Коцките како и останатите играчки кои спаѓаат во категоријата на отворени играчки, на децата им овозможуваат симболички да ги претстават идеите и да ја поттикнат нивната креативност.

Помалку користење на образовни содржини за возрасни

Возрасните често не обрнуваат доволно внимание на вештините кои се навистина потребни за децата. Кристакис тврди дека е преголема фокусираноста на подготовката на децата да пораснат во независни возрасни со што се искривува образовниот систем и ги принудува наставниците да трошат време учејќи ги вештини кои не им се потребни во тој период од животот. На пример, нашата желба да ја образуваме следната генерација на технолошки генијалци и компјутерски научници ја произведува потребата децата да ги научиме да пишуваат на компјутер уште на рана возраст, кога нивните моторни вештини се'уште не се дораснати за ваква задача. Наместо тоа би било подобро поефикасно да им помогнеме на малите  деца да развиваат други корисни вештини како што се критичко размислување или решавање на проблеми кои не се поврзани со компјутери и алгоритми.

Наместо на децата да им се наметнува темпо да препознаваат форми, букви и бројки, Кристакис ја нагласува потребата да се воспостави баланс помеѓу квалитетно едукативните програми и периодот кога децата можат да се опуштат, забавуваат и да го поминат времето во активности на отворено без многу мешање од возрасните. Иако се чини дека родителите многу ја потценуваат идејата нивните деца подолго да играат, спијат или да гледаат повремено некој анимиран филм, тоа може да биде во најдобриот интерес на младите.

 

деца


Поефикасна интеракција помеѓу наставниците и децата


За разлика од земјите со успешни образовни системи, воспитувачите кај нас често се соочуваат со ниски плати, ограничени бенефиции и ресурси, како и се' поголемите барања на родителите. Исто така, создадена е прилично хомогена структура на вработени во градинката, иако кај децата позитивно би влијаело и присуство на поголем број машки воспитувачи и различни профили на едукатори, со оглед на тоа што многу од децата растат само со еден родител. За да се унапреди квалитетот на раното образование, Кристакис истакнува дека воспитувачите треба да бидат финансиски поддржани. Освен тоа, важно е тие повторно да воспостават близок однос со децата и преку ефикасна интеракција да овозможат да учат подобро и повеќе.

Според неа, потребно е воспитувачите да знаат што да очекуваат од три годишно дете, како и децата да ги запознаат како индивидуи со единствени способности, интереси и начин на размислување. Со цел да се разберат децата на ваков сеопфатен начин, на воспитувачите им е потребно време и можност да ги запознаат децата во нивното природно опкружување, во игра и јазично богата средина. Важно е воспитувачите да ги слушаат приказните на децата, да се смеат со нив или да седнат сите заедно и да учествуваат во различни групни активности и игри, и следејќи ги да откријат како тие деца функционираат.

Децата и родителите ќе добијат кога повторно ќе воспостават средина за учење која најмногу им одговара на младите ученици и кои ќе го почитуваат раното детство како најубав и најбезгрижен период од животот, наместо полигон за обучување на децата за нивната иднина кога ќе бидат возрасни.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование