X
 08.10.2015 Наука

Како изгледа "Марсовата Македонија"?

Положбата на „Марсова Македонија“ 

Во последно време, се засилуваат напорите за детално истражување на Марс во насока на идна колонизација на оваа планета, која се чини дека е неминовна. Тоа посебно ако се има во предвид трендот на брз пораст на вкупното население на Земјата и сосема ограничените природни ресурси. Неодамнешната потврда за постоење на течна вода, заедно со големите утврдени резерви на замрзната вода, уште повеќе ги охрабруваат иницијативите за што побрзо испраќање на човечка мисија. Без оглед што проблемите засега се огромни, особено во однос на цената и траењето на патувањето (6-9 месеци), јасно е дека до средината на овој век, веќе ќе се инсталираат првите трајни објекти и микро-населби на Марс. Затоа веќе се поставуваат и дилемите кој ќе има „сопственост“ на оваа планета. Имајќи ја во предвид водечката улога на САД во истражувањата и мисиите на Марс, НАСА и останатите вселенски агенции од оваа држава, инсистираат на предноста која треба да ја има САД во „поседувањето“ на црвената планета. Сепак, поголем број други држави, влади и агенции сметаат дека сите „Земјани“ треба да имаат подеднакво „право“. Некои организации се со идеја границите на државите на Земјата, едноставно да се пресликаат на Марс. Тоа го поткрепуваат со фактот што слично како на Земјата и на Марс климата варира од најтопла на екваторот, до најстудена на половите, па така и идните жители полесно би се адаптирале. Во овој контест, интересно е да се види каква е областа на Марс со иста местоположба и граници на Македонија на Земјата (40-43 степени севрно од екваторот и 20-23 степени источно од Марсовиот почетен меридијан), или да ја наречеме „Марсова Македонија“.


Пред се, во истите географски граници, Македонија на Марс би имала 3,5 пати помала површина (7 302 км кв., наместо 25 713 км кв.), бидејќи површината на оваа планета е само 0,28 од Земјината. Втора голема разлика е во релјефот. Имено, оваа област на Марс е далеку поеднолична и целосно под нултото висинско ниво (што одговара на под морското ниво на Земјата). Така, најниската точка овде е -3800 м, а највисоката е -2700 м, што значи најголема висинска разлика од 1100 м (за разлика од 2720 на Земјата). Средната височина на „Марсова Македонија“ е -3140 м, додека на „овдешната“ дури 830 м! Секако, бидејќи на Марс нема мориња и океани, тоа под-нулто ниво значи само дека овој простор е под средната височина на површината на планетата. Интересно е што за разлика од Земјата, на Марс нема „високи континенти“ и „длабоки басени“ помеѓу нив, туку речиси целата северна полутопка е изразито ниска (мегадепресија, мегакотлина) со -7000 до -4000 м, а јужната висока (мегапланина, мегаконтинент) со 2000 до 22000 м. „Марсова Македонија“ е на преодот, односно во зоната на средна „длабочина“, која е од -4000 до -2000 м. Со оглед на проценетото количество замрзната вода и најголемата длабочина (или најниската височина), дури и целата замрзната вода на Марс да се стопи, пак оваа област би била сува, односно ни „Марсова Македонија“ не би имала излез на море. Во „пресликаните“ граници на нашата држава, за разлика од 40-тина планини на Земјата, на Марс има само една типична планина и тоа во северниот дел, висока од 800 до 1000 м. Сето останато е пространа рамнина, дел од Деутеронилус платото, поточно дел од еден огромен, стар и зарамнет кратер настанат со удар на астероид. Затоа пак на само 50-тина км надвор од границите, по рамката на кратерот има огромни планини, високи до 2500 м. Всушност, целиот релјеф наликува на хамадите од Сахара (камени пустини), со многу активни песочни дини и карпести возвишенија, а има и десетина поголеми метеорски кратери. Покрупните релјефни форми овде се стари од неколку стотици милиони години, до речиси 4 милијарди години!

Релјефот на „Марсова Македонија“ 

Освен релјефот, огромна разлика помеѓу Земјина и „Марсова Македонија“ има во климата. Пред се, атмосферата на Марс е многу поретка и поинаква од онаа на Земјата. Така, атмосферскиот притисок во „нашиот“ регион е само околу 5-8 милибари во однос на околу 1000 милибари овде на Земјата, што е многу поретко отколку притисокот на врвот Монт Еверест! Дури и тој редок воздух, главно е состаен од јаглерод диоксид и многу прашина, а кислород и вода има само во траги. Дури и кога составот на воздухот би бил идентичен како на Земјата, поради премногу нискиот притисок би било невозможно да се дише без посебни апарати. Големото количество прашина и рефлексијата од неа, би условувало да гледаме сивкасто-црвеникави пејсажи, а такво би изгледало и небото преку ден. Марс е многу подалеку од Сонцето отколку Земјата (70 милиони км), па затоа и топлината што ја прима е помала. Додека овде, температурите во Македонија главно се движат од -20 степени во студените зимски денови, до 40 степени во лето, на Марс би биле среќни ако има ден со позитивна температура. Всушност, во пресликаните граници на Македонија, само во лето има денови со позитивна температура, која може да се искачи најмногу до 15 степени, а обично се движи од нула до 10 степени. Во зима пак е навистина многу студено, со просечни од -30 до -50 степени Цезиусови (слично на зимите во Источен Сибир). Врнежи, барем според досегашните сознанија, во овој регион нема, но затоа има многу силни ветрови – урагани и песочни бури, кои често ги зафаќаат овие области, а се слични на суперторнадата во САД. Секако, нема снег, но затоа некаква мешавина од снег, обичен и сув мраз има 2000 км посеверно – кон Северниот Марсов Пол. Интересно е што годишните времиња на Марс се двојно подолги, па наместо по 4, траат по 8 месеци. Тоа можеби би било пријатно за во лето, но крајно непожелно за долгиот, изразито студен и многу ветровит зимски период. Поради ретката атмосфера, на површината на Марс речиси непречено доаѓа космичкото и Сончевото зрачење. Затоа, во Марсовата Македонија би било незамисливо на отворено да се прошетаме со обична облека, туку само со специјални заштитни скафандери. За среќа, поради 3 пати помалата гравитација, и покрај скафандерите ќе се чувствуваме многу лесно, иако не толку пријатно.

Единствената планина во северниот дел на „Македонија“, висока 1000 м 

Трета многу голема разлика е во хидрографијата. „Марсова Македонија“ нема реки, а најверојатно ни течна вода, освен можеби во сосема слаби повремени млазеви за време на летото (со топење на замрзнатата подземна вода). Сепак, со постоечката замрзната вода, можно е да се конструираат резервоари за вода, микроакумулации и мали подземни вештачки езера, бидејќи на површината, речиси цела година водата би била замрзната. Според најновите проценки и анализи за присуство на замрзната вода, целата Марсова Македонија би имала околу 60 до 100 милиони метри кубни вода, односно нешто помалку од акумулацијата Калиманци. Тоа, со крајно рационално користење би било доволно за целогодишно водоснабдување на само неколку помали населби или вкупно до 3-4 илјади жители (секако, најголем дел од водата би се рециклирал).

Пејсаж од „западниот дел“ (соодветен на положбата на Бистра)

Следна крупна разлика е отсуството на типични почви, како и на жив свет (барем според досегашните сознанија). Затоа, без оглед кое годишно време е, пејсажот на „Марсова Македонија“ е ист: сивкасто-кафеаво-црвенкаст, каменлив со многу песокливи дини и бројни кратери. Микропочвата (ако воопшто може да се каже почва) е претежно од еолски седименти, сува, солена и на некои места со малку глина (од времето кога на Марс имало реки, езера и мориња). Доколку се потврди дека нема жив свет или не онаков како што го знаеме, вештачки воденото тераформирање т.е. „озеленување“ на овие предели би одело прилично бавно – веројатно би биле потребни барем неколку стотици години (првин со некои видови лишаи, мовови, алги и бактерии)! Но за да заличи пејсажот барем на најсушните и најмалку „зелените“ предели во оваа Македонија (на пример Криволачко), веројатно ќе се потребни векови и милениуми. Од друга страна, со сигурност се знае дека на Марс до пред 2-3 милијарди години имало поинаква атмосфера, пространи океани, мориња, езера и реки, а можеби и буен жив свет. Сето тоа, поради некоја причина било уништено и претворено во пуста и сува планета. Затоа да уживаме и да ја сочуваме оваа прекрасна природа што ја имаме тука, бидејќи Марсовата Македонија (како и целата планета) е навистина суров и негостољубив свет, а таков ќе остане уште десетици и стотици генерации… Еве уште неколку интересни факти за овој простор на Марс:

Човек што на Земјата тежи 80 кг, таму би тежел само 30 кг и би се движел со многу помал напор (мали потскокнувања). Доколку не биде подложен на постојани вежби или поголеми физички напори, телото со типичните движења и активности за Земјата, би станало „пивтиесто“. Храната, барем во почетокот би била еднолична, извештачена и подложна на мутација поради влијанието на зрачењето од вселенскиот простор, но и од подлогата на Марс (ќе мора да се одгледува во специјални оранжерии). Засега не е познато како тоа би се одразило на здравјето на луѓето и колонизираните животни.

Директниот телефонски разговор („муабет“) помеѓу некој жител на Марс и негов роднина или пријател на Земјата, би траел со часови, бидејќи за еден збор или реченица да стигне до Земјата и обратно, потребни се околу 4-15 минути (зависно во која положба и оддалеченост се двете планети). Тоа значи дека „муабетот“ мора да биде претходно целосно осмислен или да не е директен, туку „пролонгиран“ (нешто слично на фејсбук пораки).

Според сите оптимистички сценарија, првите поголеми колонии – населби на Марс (со над 50 жители, како некои поголеми станици на Антарктик), ќе се формираат веројатно дури по 100-150 години, а првите сопственичко компактни територии, веројатно по 200-300 години. На површината на Марс, а и во делот за кој пишуваме, има големи наслаги на прав. Движењата на возилата би биле проблематични, посебно за поголеми брзини (над 30 км/ч). Веројатно ќе мора да се конструираат специјални тркала, инаку секое возило би кревало големи облаци од прав, посебно ако се вози побрзо.

Типичен пејсаж од централниот дел на „Марсова Македонија“ 

 Извори:
Милевски И. Земјата и вселената, Скопје 2007;
https://en.wikipedia.org/wiki/Geology_of_Mars;
https://en.wikipedia.org/wiki/Mars#Atmosphere;
Google Earth Pro / Mars

Автор: д-р Ивица Милевски / iGeo

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука