X
 15.02.2020 Забава

Поради коронавирусот, Кинезите се дружат преку видеоигри

Играњето видеоигри е во пораст во Кина бидејќи луѓето повеќе време остануваат дома за да се заштитат од коронавирусот

Љубителите на видеоигри во Кина најчесто играат повеќе во периодот околу Кинеската Нова година, која е во јануари или февруари. Оваа година празнувањето се продолжи за речиси три недели поради ширењето на коронавирусот. Ова им овозможи на милиони луѓе да играат повеќе.

Коронавирусот се појави во Вухан, Кина, во декември. Оваа потенцијално фатална болест на респираторниот систем досега зарази околу 60.000 луѓе низ светот, а предизвика над 1.300 смртни случаи. Повеќето од заболените се во Кина. Многу жители на оваа азиска земја одлучија да го намалат бројот на излегувања од домот поради вирусот. Многумина се одлучуваат слободното време да го поминат играјќи видеоигри.

Мобилната игра „Чест на кралевите“ на „Тенсент“ ги срушила сите рекорди во последната недела од јануари, според истражувачката фирма „Нико партнерс“.

- Поголемиот дел од порастот се должи на влијанието на новиот коронавирус, кој придонесе повеќе играчи да останат дома наместо да патуваат или да се социјализираат надвор од своите домови, па имаат повеќе време да играат игри - пишува фирмата во еден извештај.


Фото: Pixabay

Фирмата очекува преземањето на видеоигрите да се зголеми во следните недели поради продолжениот празник и забраните за патување во некои градови. Поради коронавирусот, се откажуваат турнири низ Кина и се намалило производството на системи за видеоигри, но активностите од дома се попопуларни од кога било.

Преземањето игри од „Епл“ во Кина пораснало за 27,5% на годишно ниво, а приходите пораснале за 12,1%, според фирмата за истражување на пазарот „Сенсор тауер“.

На платформата за играње „Доују“ во Кина видеоигрите се двојно попопуларни оваа година во споредба со минатата година. „Чест на кралевите“, најпопуларната игра на платформата за време на празниците годинава, имала 63 милиони прегледи, во споредба со 31,7 милион прегледи што ги имала играта ПУБГ минатогодишните празници.

Компаниите што објавуваат видеоигри ја користат ситуацијата со нови промоции или менување на бизнис-моделите, со тоа што ги нудат игрите бесплатно со опции за купување додатоци на играта, вели „Омдија“, сервис за истражувања во областа на технологијата.

Извор: cnn.com
Фото: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Забава