Општина Охрид ги подготвува двата објекти на студентскиот дом „Никола Карев“ и ученичкиот дом „Ванчо Питошески“ за сместување и изолација на пациенти инфицирани со коронавирус, а кои се со полесна клинична слика. Станува збор за вкупно 68 соби во двата објекти, каде што веќе се спроведуваат активности за дезинфекција и подготовка за прием на заболени.
Тоа денеска го соопшти градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески. Во координација со Министерството за здравство, директорите на здравствените установи од градот треба да одредат која од болниците ќе биде целосно ставена на располагање за прием и лекување на тешки и средно тешки случаи заболени со Ковид-19.
- Општина Охрид издвои 300 илјади денари за помош на лица од социјално ранливите категории што ќе се во изолација, за основни прехранбени продукти, средства за хигиена и лекови. Заедно со Црвениот крст, формирани се мобилни тимови со задача на старите и изнемоштени лица и лицата со посебни потреби да им се излезе во пресрет за каква било помош - рече Георгиески.
На медицинските установи во градот ќе им биде доставена медицинска опрема како термометри, пулсоксиметри, спирометри, мобилни ЕКГ-апарати, апарати за мерење притисок, глукометри и стетоскопи, набавени преку проектот „Cross for all“.
Извор: МИА