Во пресрет на првиот натпревар од 21. Светско првенство во фудбал помеѓу Русија и Саудиска Арабија, на стадионот „Лужники“ во Москва, беше одржана и 15-минутна свеченост во која во музичкиот дел настапи британскиот пејач Роби Вилијамс со руската оперска пејачка Аида Гарифулина, членка на австриската државна опера, додека говор одржаа рускиот претседател Владимир Путин и претседателот на ФИФА, Џиани Инфантино.
Вилијамс ја загреа атмосферата на стадионот изведувајќи ги своите хитови „Let Me Entertain You“ и „Rock Dј“, додека Гарифулина му се придружи во изведба на песната „Angels“.
Фото: Reuters
- Ова грандиозно случување првпат се одржува во Русија и искрено ни е драго поради тоа. Ние навистина го сакамe фудбалот. Подготвени сме да направиме сѐ за навивачите од сите краеви на светот да бидат дел од оваа величествена атмосфера на овој празник на спортот. Каде и да живеат и какви и да им се традициите, нѐ обединува љубовта кон фудбалот - изјави Путин на отворањето.
Корупција, мито, убиени работници, сето тоа го заборави десетилјадната
публика во моментот кога Роби Вилијамс почна да пее. До првиот удар на топката, точно во 17 часот, вниманието и очите на цел свет беа свртени кон свеченото отворање. По првиот удар, фудбалот им го привлече вниманието на сите и така ќе биде сѐ до последниот свиреж на судијата за неколку недели.