X
 18.06.2026 Живот

Добиле 50.000 долари за да ги изгледаат сите натпревари од Светското првенство

Кевин Котоко од Флорида е избран за набљудувач на Светското првенство на „Фокс“, со што заработува 50.000 долари гледајќи ги сите 104 натпревари од Мундијалот.

Единствената „цака“ е што ќе мора да го следи секој натпревар од специјално изградена стаклена коцка во средината на „Тајмс сквер“, како и да им соопшти на работодавците дека повеќе нема да се појави на работа.

- Дадов отказ. Во четврток дознав дека победив на конкурсот, а во петок им реков дека тоа ми е последниот работен ден - вели Котоко, навивач на „Ливерпул“ од Флорида, кој работел како келнер во еден ресторан.

Двајца љубители на фудбалот шест недели во „стаклен аквариум“

Наредните шест недели Котко ќе ја дели огромната стаклена „аквариумска“ просторија со Остин Френклин, откако двајцата беа избрани меѓу илјадници кандидати кои на социјалните мрежи објавуваа видео-снимки во кои објаснуваа зошто токму тие го заслужуваат тоа работно место.

Нивна задача е за време на турнирот да прават содржина за социјалните мрежи, да ги бележат своите реакции и да комуницираат со навивачите.

Френклин, кој за себе вели дека е инфлуенсер од Филаделфија, истакнува дека искуството досега било нереално, но многу забавно.

- Навистина имам чувство како да сум во реалното шоу „Шоуто на Труман“. Понекогаш целосно заборавам каде сме. Гледам натпревар неколку минути, потоа го погледнувам Кевин, а зад него гледам група луѓе кои нè набљудуваат. Главно, во секој момент нè гледаат триесетина луѓе додека ги гледаме натпреварите. Прилично е необично - објаснува Френклин.

Котоко додава дека се обидуваат да останат природни и покрај фактот што се постојано под лупа.

- Се трудиме да останеме автентични. Потребно е да се најде рамнотежа помеѓу тоа да бидеме целосно посветени на натпреварот и истовремено да им покажеме на луѓето што правиме - рече тој.

Голем интерес од минувачите

Нивното присуство на една од најпрометните локации во Њујорк предизвика голем интерес кај минувачите. Еден љубопитен набљудувач дури праша дали навистина ќе живеат во таа коцка за време на целиот турнир, додека Френклин вели дека луѓето најчесто им поставуваат прашање каде одат во тоалет.

 

- Забавно ми е да барам тоалет. Имам 15 минути и секој пат си помислувам каде денес ќе најдам тоалет - вели Котоко.

На располагање им е луксузен хотел веднаш зад аголот, а во стаклената коцка им служат и оброци инспирирани од кујните на сите земји учеснички на Светското првенство.

Немилосрдниот распоред на проширениот Мундијал со 48 репрезентации значи дека ова ќе биде вистински маратон. Во текот на наредните три недели се играат по четири натпревари дневно, во три различни временски зони, додека трае групната фаза, а двајцата се свесни колку тоа ќе биде напорно.

- Најважно е редовно да јадеме, да ја одржуваме енергијата и да се грижиме за себе - вели Котоко, кој се надева дека и Гана, земјата во која е роден, ќе остави добар впечаток на ова Светско првенство.

Френклин смета дека тешко може да се посака подобра работа.

- Седам на каучот и гледам фудбал. Навистина е одлично. Постои нешто посебно во духот на Светското првенство што целосно ги обзема луѓето. Ние практично имаме совршена работа - заклучува тој.

Извор: 021.rs
Фото: Screenshot (Facebook/New York Mickey)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот