X
 15.07.2025 Живот

Летната депресија навистина постои и не треба да се занемари

Летната депресија е помалку позната од зимската, но претставува реална појава со поинаква клиничка слика и токму затоа често останува непрепознаена и од лицето што ја доживува и од неговата околина.

За разлика од зимската депресија, кога луѓето се повлекуваат, спијат повеќе од потребното и бараат утеха во храната, летната депресија обично е „немирна“ и се манифестира преку несоница, губење на апетитот, нервоза, раздразливост, чувство на внатрешна напнатост, силна емотивна чувствителност и осаменост.

Летната депресија настанува поради нарушен внатрешен ритам, со што премногу дневна светлина ги нарушува сонот и хормоналниот баланс, а топлотниот стрес и хроничната исцрпеност поради жештините ја зголемуваат емоционалната чувствителност.

Во практиката често се среќаваат чувства како зголемена тага при слушање весели приказни за одмори и море, проследени со мисли дека нешто не е во ред со сопствената душа. Исто така, кај некои луѓе се јавува отпор кон идејата дека летото мора да се сака, па доживуваат вина кога не се чувствуваат добро иако времето е сончево.

Овој вид депресија може да се јави и поради притисокот човек да биде среќен бидејќи доколку не е „летен тип“, може да се почувствува недоволно добар или несоодветен.

Понатаму, до ваков тип депресија доаѓа и поради нарушување на дневната рутина. Многумина го губат чувството на стабилност кога им недостига структурата на денот, особено ако веќе имаат кревка емоционална рамнотежа. Дополнително, летото за некои луѓе носи симболично значење бидејќи потсетува на болни спомени поврзани со загуби и разочарувања.

Не сме обврзани да бидеме насмеани само затоа што надвор е сончево

Доколку за време на летото се појави хронична напнатост без јасна причина, чувство на исцрпеност и покрај отсуството на интензивна физичка активност, тешкотии со спиењето, раздразливост и чувство на отуѓеност додека околината е среќна и расположена, вреди да се застане и да се размисли дали летото носи некое подлабоко, лично значење.

Во психотерапијата се бара одговор на прашањата што им претставувало летото во детството, со какви загуби или стресови го поврзуваат ова годишно време и дали се борат со некој идеализиран поим за среќа кој не можат да го достигнат.

Токму тие тивки, потиснати спомени од минатото често го активираат она што денес го нарекуваме сезонски нарушувања на расположението. Тие не се знак на слабост, туку нераскажани приказни што чекаат да бидат забележани, сослушани и разбрани.

Летната депресија е вистинска и не смее да се игнорира, исто како и зимската форма на сезонско нарушување. Таа заслужува разбирање и поддршка, а не дополнително самокритикување. Не сме обврзани да бидеме насмеани само затоа што надвор е сончево бидејќи она што се случува во нас често има поголемо значење од она што се случува околу нас.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот