X
 15.08.2019 Живот

Помодарство, превоз на иднината или опасност на патот?

Европските градови од Париз до Берлин бараат решение за феноменот на две тркала кој брзо го менува изгледот на градските улици низ светот - електричните тротинети.

Противниците бараат ова сè попопуларно превозно средство веднаш да биде забрането, на возачите да им се наплаќаат казни за пребрзо возење, но и за возењето тротинет да се полага возачки испит.

Оние, пак, што ги сакаат електричните тротинети сметаат дека тие се скок во иднината, возбудлив начин заснован на апликации да се јуриши од „Лувр“ до Ајфеловата кула без загадување на планетата, која веќе се задушува.

Критичарите го оспоруваат тоа и ги истакнуваат големиот број повреди и несреќи предизвикани со електрични тротинети. Тие нагласуваат дека тоа е нова пречка за пешаците и возачите, кои веќе се борат со недостиг на простор на градските улици.

Европските земји на различни начини се борат со новата мода, па членовите на француската влада неодамна се состанаа со жртвите на несреќи со електрични тротинети, а во подготовка се и нови правила. Само Париз има повеќе компании за изнајмување електрични тротинети отколку сите земји во САД, а по историските улици на градот прелетуваат најмалку 20.000 вакви популарни превозни средства. Повеќето се базирани на апликации и се изнајмуваат така што возачите ги земаат и ги оставаат каде сакаат, што е особено привлечно за тинејџерите и туристите.

Жртвите на несреќите наведуваат дека тие корисници, сепак, не ги познаваат француските патишта и правила. Во Париз годинава животот го загуби еден возач на електричен тротинет, а многумина се повредени. Во тој град за возење електричен тротинет на тротоар се наплаќа казна од 135 евра. Градските власти сакаат да ја ограничат брзината на возењето на 20 километри на час во поголем дел од градот и на 8 километри на час во квартовите каде што има многу пешаци. Се планира и ограничување на бројот на оператори на три за да се намали бројот на електрични тротинети. Новите правила се очекува да стапат во сила во септември и тие ќе ги прошират ограничувањата и на други француски градови, а ќе вклучуваат и казни за пребрзо возење и до 1.500 евра.

trotinet
Фото: Freepik

Берлин ги легализира електричните тротинети пред два месеца и набрзо сфати дека му се потребни построги правила. Градските службеници минатата недела најавија планови за изградба на паркинг за електричните тротинети, кои често стојат оставени на тротоарите. Во иднина берлинската полиција ќе има патроли задолжени за спречување на незаконското однесување, како што е претекнувањето. Од германската полиција истакнаа дека од средината на јуни седум луѓе биле сериозно повредени, а 27 се здобиле со полесни повреди во несреќите со електрични тротинети, истакнувајќи дека поголемиот број несреќи се предизвикани поради непромисленото однесување на возачите.

Во Велика Британија е забрането да се вози тротинет на тротоар, а прекршок е и да се користи на патиштата бидејќи тоа не е во согласност со законите што опфаќаат осигурување, такси и возачки испити. Водителката и јутјуб-ѕвезда Емили Хертриџ е првото лице во Велика Британија што загина возејќи електричен тротинет кога на 12 јули ја удри камион во Лондон. Следниот ден едно 14-годишно момче се здоби со повреди на главата откако удри во автобуска станица.

Електричните тротинети станаа дел од урбаниот пејзаж и во шпанските градови, кои усвоија низа забрани. Во Мадрид кацигите се задолжителни само за помлади од 16 години, додека во Барселона се задолжителни за сите. Во Барселона една 92-годишна жена почина откако минатата година беше прегазена од електричен тротинет. Возачот беше под истрага поради убиство од небрежност, но на крајот помина само со парична казна поради недостиг на прописи. Во Мадрид градските власти забрануваат електричните тротинети да се возат на патишта со повеќе од една лента, а максималната пропишана брзина е 30 километри на час.

Брисел од минатата година е преплавен со електрични тротинети, а секоја од 19. градски општини има свои правила за тие превозни средства. Некои наплаќаат казни за преголема брзина, додека други наметнуваат ограничувања за паркирањата, а кацигите не се задолжителни. Портпаролката на градот истакна дека во Брисел досега е забележана една несреќа во која имало смртен случај.

Италијанското министерство за транспорт минатиот месец усвои нов сет правила за сите возила на електричен погон. Електричните тротинети се дозволени на улиците, но брзината им е ограничена на 30 километри на час, додека во пешачките зони брзината е ограничена на 6 километри на час.

Во балканските земји електричните тротинети сè уште се во сивата зона, освен во Словенија, која подготвува нацрт-закон со кој нивното возење ќе биде забрането во пешачките зони и на велосипедските ленти. Максималната дозволена брзина ќе биде 25 километри на час, но во пешачките зони електричните тротинети ќе мора да се движат со брзина на одење. За нив ќе важат истите правила како и за велосипедите, што значи дека ќе мора да имаат светла и дека кацигите ќе бидат задолжителни за малолетните возачи.

Низ САД градовите исто така се борат да ги регулираат правилата за изнајмување електрични тротинети и да ги заштитат нивните возачи од повреди. 
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот