Кога зборуваме за планетарни системи и галаксии, обично мислиме на систем од планети што се собираат околу ѕвезда. Најдобар пример е нашиот Сончев Систем, во кој планетите орбитираат околу најголемата ѕвезда, Сонцето.
Но, меѓународен тим астрономи откри нешто што би можело да го наруши тоа разбирање. Користејќи набљудувања од вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“, тие пронајдоа докази за масивни планети способни да формираат свои планетарни системи без ѕвезда.
Како што објаснуваат во студија, таквите големи планети би биле центар на планетарен систем, со други, помали планети што орбитираат околу нив. Ви звучи познато? Со години луѓето мислеа дека целиот универзум се врти околу Земјата. Се чини дека едноставно погрешно ги сфатиле планетарниот систем и Земјата. Во нивната студија, научниците се фокусирале на слободно лебдечки планети кои не се гравитационо врзани за ѕвезда.
Помеѓу август и октомври 2024 година астрономите проучувале осум слободно лебдечки планети со маси помеѓу пет и десет пати поголеми од Јупитер. И покрај нивната голема маса, од некоја причина, овие планети не акумулирале доволно маса за да одржат реакции на нуклеарна фузија во нивните јадра и да станат планети.

Тие, исто така, пронајдоа големи емисии на врела прашина околу овие планети, што би можело да укажува на присуство на диск или облак од гас и прашина околу ѕвездите. Ова не е невообичаен феномен. Кога се појавуваат во близина на ѕвезда, овие дискови се места на раѓање на планетите и го претставуваат преостанатиот материјал што останува по формирањето на ѕвездата.
Она што е клучно во случај на слободно лебдечки планети е тоа што дисковите на овие планети веќе ги покажуваат клучните први чекори за формирање на нови планети во форма на силикатни зрна што растат и кристализираат. Овие прашливи зрна потоа можат да се згрутчат за да формираат градежни блокови на нови планети.
Авторите истакнуваат дека ова е првото откритие на силикатни зрна околу објекти со планетарна маса.
Наодите покажуваат дека градежните блокови за формирање на планети може да се најдат дури и околу објекти малку поголеми од Јупитер кои лебдат сами во вселената. Ова значи дека формирањето на планетарни системи не е ограничено само на ѕвезди, туку би можело да се одвива и околу осамени светови без ѕвезди.
Сè на сè, оваа студија покажува дека објектите со маси споредливи со оние на џиновските планети, имаат потенцијал да формираат свои минијатурни планетарни системи. Овие системи би можеле да бидат како Сончевиот Систем, само намалени за фактор од 100 или повеќе во маса и големина.
Главната разлика е во тоа што ваквите планетарни системи би биле во темнина, што ги прави „скриени“ од нашите телескопи.
Фото: Freepik