X
 15.09.2022 Живот

За суровиот Херман Геринг веројатно сте чуле, но многумина не ја знаат приказната за неговиот брат, кој ги мразел нацистите и спасил илјадници Евреи

Познатиот рајхмаршал Херман Геринг му помогнал на Адолф Хитлер да дојде на власт и со години бил првиот човек на Третиот Рајх. Како основач на Гестапо, Херман Геринг бил клучен во создавањето на првите концентрациони логори за политичките дисиденти и истакнат водач на Конечното решение. Бил човек кој имал огромна улога во формирањето на нацистичкиот пекол.

Но, неговиот помлад брат Алберт Геринг ја мразел нечовечноста на нацизмот. Тој ги ризикувал својата кариера, богатството и животот користејќи ги своето име и врски за да спаси многу Евреи. Затоа многумина го споредуваат со Оскар Шиндлер.

Сепак, за разлика од Шиндлеровата приказна, приказната за Алберт Геринг е речиси непозната - тој бил сосема заборавен поради огромните злосторства на неговиот брат. Но, сведочењата на преживеаните и извештај до неодамна закопан во британските архиви покажуваат дека Алберт Геринг спасил многу животи од ужасите на холокаустот.

Иако си биле наклонети еден на друг, браќата Геринг биле сосема два различни света. Постариот Херман бил смел, решителен и целосно бестрашен, и го сакал својот најмлад брат Алберт, кој бил тажно момче со очи како срна посветено на својата мајка.

Во текот на својот живот, Алберт бил човек со длабоко морално убедување. Набрзо се разочарал од нацистите, отишол во Австрија и извесно време живеел на сметка на својот кум. Работел во филмско студио во Виена, излегувал, се забавувал и често зборувал против Адолф Хитлер и нацистите. Кога Германците влегле во Австрија, тој за малку ќе западнел во неволја, но неговиот брат го заштитил од Гестапо.

Бруталноста, убиствата, насилството и теророт на нацистите растеле, а Алберт Геринг ги гледал Евреите како мајки, татковци и деца. Решил да дејствува и им помогнал на многу Евреи да избегаат од Виена со тоа што им набавувал патни исправи.

Во книгата „Холокаустот на Хитлер“, професорот Гвидо Ноп пишува дека Алберт Геринг секогаш бил подготвен да им помогне на оние на кои им била потребна помош. Есента 1943 година тој потпишал пасоши на едно еврејско семејство со кое се спријателил. Еднаш го убедил шефот на СС да ослободи чешки борци на отпорот од подрумот на Гестапо.

Ричард Соненфелд, главен преведувач и најмлад член на тимот на американскиот правобранител на судењето за воени злосторства во Нирнберг, подоцна се потсетил како рајхмаршалот уживал да му ја покажува моќта на Алберт кога ги ослободувал Евреите од концентрационите логори.

Алберт ќе отидел кај својот брат Херман и ќе му речел: - Херман, ти си толку голем и моќен. Еве еден Евреин кој е добар Евреин и не му е местото во концентрационен логор. Не можеш да му ги потпишеш документите?, на што Херман одговарал: - Ова е апсолутно последен пат што го правам ова - раскажува Соненфелд во неговата книга.

albert
Фото: Facebook

- По еден месец Алберт повторно се враќал. На неговата листа пронајдовме стотици луѓе што биле ослободени. Сето тоа затоа што Геринг имал потреба да му се докажува на својот помал брат.

Татјана Оцуп имала само шест години кога последен пат го видела Алберт Геринг, кој бил нејзин кум. Нејзините родители и Алберт биле блиски пријатели и само поради напорите на нејзиниот кум, семејството успеало да побегне со лажни документи.

Алберт неколку пати бил апсен од Гестапо, но секогаш бил ослободуван со помош на неговиот брат.

Алберт работел како шеф за извоз во чешка фабрика за оружје. Од таа позиција успеал да спаси многу вработени, меѓу кои и директорот Јан Моравек и неговото семејство.

Карел Собота, долгогодишен помошник на Алберт Геринг, работел во одделот за извоз и активно учествувал во акциите со чешкото движење на отпорот за време на германската окупација на Чехословачка. Тој раскажувал дека Алберт одбил да врати нацистички поздрав кога нацистичките офицери ја посетиле фабриката. Во тоа време ваквото одбивање било доволно за да биде уапсен, па дури и убиен.

Заедно со неговиот личен лекар Ласло Ковач имале заедничка банкарска сметка на која депонирал пари кои понатаму биле користени за помош на еврејските бегалци да стигнат во Лисабон. По германската окупација на Италија во 1943 година, Геринг му напишал пропусница на Ковач како негов личен лекар.

По Втората светска војна, Херман Геринг бил прогласен за виновен за воени злосторства и злосторства против човештвото во Нирнберг и осуден на смрт со бесење. На 15 октомври 1946 година, два часа пред неговата егзекуција, тој се самоубил во својата ќелија во Нирнберг, земајќи отровна таблета која успеал да ја сокрие од стражарите. Пред да се самоубие, го замолил својот брат да му вети дека ќе се грижи за неговата сопруга Ема и ќерката Еди.

Алберт, спасителот на жртвите од тиранијата на неговиот брат, лежел во затвор неколку години по војната само поради неговото презиме. Во повоените години имал многу тешкотии, презимето Геринг било преголем товар. Благодарните преживеани, кои тој ги спасил, му помогнале да ги преживее годините без работа. Се оженил неколку пати и починал во 1966 година, откако работел како дизајнер во градежна фирма во Минхен.

Тој докажал дека хуманизмот не познава граници, раса, семејни врски...

Извор: National Geographic
Фото: Facebook
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот