X
 15.09.2026 Живот

Сакате да купите камила? Сега постои апликација и за тоа

Стартапот „Хигн ал Халиџ“ од Обединетите Арапски Емирати е познат по пазарот за камили, но трговијата со овие животни сега се сели и на интернет.

Стартапот „Хигн ал Халиџ“ при крајот на 2024 година лансира дигитална платформа за купување, продажба и аукција на камили, која до 2025 година привлече повеќе од 15.000 корисници, пишува Си-ен-ен.

Камилите со векови се важен дел од животот во Заливот, а денес, меѓу другото, се користат за производство на млеко, трки и избори за убавина. Само емиратот Абу Даби има околу 500.000 камили.

На натпреварите се доделуваат огромни награди. На овогодишниот Фестивал на камили „Ал Дафра“ во Абу Даби за изборите за убавина се предвидени 97 милиони дирхами, односно 26,4 милиони долари.

Високи се и цените на самите животни. На аукцијата во Абу Даби во 2025 година 15 камили беа продадени за вкупно 1,77 милиони дирхами (500.000 долари), додека една достигна цена од 500.000 дирхами (136.000 долари). Елитните камили можат да вредат и милиони.

Основачот на „Хигн ал Халиџ“, Џабер ал Ахбаби, вели дека традиционалната трговија со камили е скапа и комплицирана. Продавачите често мора да ги превезуваат животните на големи растојанија без гаранција дека ќе ги продадат, додека купувачите понекогаш патуваат и во други земји за да ги погледнат камилите за кои однапред имаат малку информации.

На дигиталната платформа моментално се огласени околу 3.300 камили од ОАЕ, Саудиска Арабија, Катар, Оман и Кувајт. Огласите содржат податоци за возраста, потеклото и здравствената историја на животното, а корисниците минуваат низ основна проверка на идентитетот.

Преку апликацијата веќе се продадени околу 3.000 камили. На неа можат да се купат и храна и лекови за камили, како и да се најдат работи за тренери и пастири.

Ал Ахбаби сака апликацијата да стане водечка платформа за сѐ што е поврзано со камилите - од нивно купување и продажба до храна, опрема и работи.

Извор: 021
Фото:

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот