X
 15.10.2019 Технологија

Апликација на кинеската Комунистичка партија наводно шпионира 100 милиони корисници

Извештај на германската компанија за сајбер-безбедност „Кјур 53“ посочува дека апликација на кинеската Комунистичка партија наречена „Проучи ја супернацијата“ (Xuexi Qiangguo) има пристап до повеќе од 100 милиони андроид-уреди. Во извештајот се наведува дека апликацијата има „задна врата“ преку која владата може да пристапи до пораките, фотографиите, контактите и историјата на пребарување на уредите, пренесува „Некст веб“.

Кога истражувачи во агенцијата ја испитале апликацијата, утврдиле дека кодери намерно користеле слаба енкрипција во функциите како докажување автентичност со електронска пошта или со биометриски податоци. Плус, зачувува датотеки во телефонот на начин на кој други апликации можат да читаат податоци од нив. Ова е опасно ако владата има други апликации на вашиот телефон, може лесно да ги чита сите податоци зачувани од оваа апликација и да ги испрати назад до властите.

Уште пошокантно е тоа што во извештајот се забележува дека апликацијата има командна линија која врши „суперкориснички“ команди за да го зголеми пристапот до податоците на телефонот без експлицитно да побара рут (root) пристап. Преку овој пристап властите можат да ја следат вашата локација, да активираат аудиоснимање или да повикаат број во ваше име без вие да знаете.

Истрагата била овластена од „Опен технолоџи фанд“, иницијатива на американската влада. Директорот за истражување, Адам Лин, истакнува дека не е вообичаено таква апликација да има рут-пристап и дека кодерите многу се потрудиле да ги сокријат начините на оперирање.

- Самиот пристап е значаен. Фактот дека се потрудиле да го сокријат само дополнително го интензивира надзорот. Може да ја преземе целата направа и може да испраќа информации назад - вели Лин.

Кинеските власти ги негираа сите наводи.

Апликацијата, првично лансирана во јануари, наводно била користена од партијата за туркање на нејзината пропаганда. Биле започнати и неколку кампањи на социјални мрежи за да се охрабрат луѓето да ја инсталираат апликацијата.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија