X
 15.10.2020 Здравје

Ковид-19 веројатно ќе стане ендемична болест - еве што значи тоа

Не може да знаеме со сигурност каква ќе биде иднината на Ковид-19. Но врз основа на нашето искуство со други зарази, има малку причини да веруваме дека наскоро ќе исчезне, дури и доколку добиеме вакцина. Пореалистичното сценарио е дека тој ќе биде уште една од семејството заразни болести што се познати како „ендемични“.

Болеста се шири насекаде низ светот и тешко е да се поверува дека мерките што се користат ќе го контролираат ширењето, освен во одредени земји кои се целосно изолирани од светот. Вирусот нема да биде веднаш и целосно елиминиран дури и кога ќе се постигне колективен имунитет на повеќето места во светот. Можно е заразата да се стабилизира на константно ниво така што постојано ќе биде присутна во земјите, но ќе се заразува мал процент од населението. Ова е тоа на што се мисли кога се вели дека болеста е ендемична.

Постојат заразни болести што постојано се шират речиси насекаде, како некои сексуално преносливи инфекции или детски болести. Но повеќето заразни болести се ендемични само во одредени делови од светот, најчесто бидејќи ширењето на болеста е најлесно на тие места. Ова е случајот со маларијата и другите болести што ги пренесуваат комарците.

Теоретски, болеста станува ендемична кога едно заразено лице ја пренесува во просек на уште едно лице. За време на епидемија ширењето на болеста е во пораст.

Во практика постојат повеќе модели за ширење на ендемичните болести. Некои се најактивни во одредени периоди од годината, додека други се шират во циклуси, а ова може да биде под влијание на временските услови, но зависи и од организмите што ги шират болестите. Сè додека има доволно луѓе на кои може да се пренесе болеста, заразата ќе продолжи да се шири.


Фото: Pixabay

Кога станува збор за заштитата од овие болести, постојат такви што даваат траен или привремен имунитет. Сè уште не знаеме колку трае имунитетот по заразувањето со Ковид-19 и колку ќе бидат ефикасни вакцините во заштитата на луѓето од зараза. Но постојат други коронавируси што се ендемични кај луѓето, како оние што предизвикуваат настинка, и тие даваат само привремен имунитет од околу една година.

Освен тоа, луѓето со имунитет не се еднакво распределени низ државите, а камоли во светот. Постојат места каде што Ковид-19 е поприсутен. Затоа, тешко е да се постигне колективен имунитет насекаде низ светот дури и доколку се вакцинираат многу луѓе. Во овој случај болеста ќе продолжи да се појавува локално, од место на место, особено во густо населените места и онаму каде што нема да се вакцинираат многу луѓе.

Начинот на кој светот ќе се бори против Ковид-19 како потенцијално ендемична болест ќе зависи од вакцините и третманите за болеста. Доколку тие ги штитат луѓето од влошување на здравјето, ќе може да се контролира болеста и таа ќе биде како повеќето други болести со кои сме научиле да живееме. Можеби ќе треба да се вакцинираме за Ковид-19 секоја година, како што е случајот со грипот, или можеби ќе се направи вакцина која ќе се дава на одредена возраст и ќе создава доживотен имунитет.

Може да го замислиме целосното искоренување на болеста доколку вакцините го намалуваат ширењето и даваат долготраен имунитет, но ова е малку веројатно. Целосното искоренување е многу тешко, дури и за болестите за кои се направени совршени вакцини. Затоа, најверојатниот исход на пандемијата е добивањето нова ендемична болест - Ковид-19.

Автор: Ханс Хистербик
Извор: theconversation.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје