Фризерката Марион Алемајер сè уште добро го памети 23 март 2020 година, вториот ден од првoто заклучување во Германија. Тогашниот министер за економија Петер Алтмаер и министерот за финансии Олаф Шолц, во владата на Ангела Меркел, настапија со големи ветувања.
- Многу е важно да се нагласи: ова е поддршка, а не заем. Значи, ништо не треба да се враќа. Никого нема да го оставиме сам! - изјави Шолц за итната помош на малите претпријатија и самовработените кои беа погодени од короната.
„Ми рекоа дека нема да враќам ништо, а сега бараат 3.500 евра“
Пет и пол години подоцна, Марион Алемајер се чувствува целосно напуштена.
- Имаше многу ветувања, а ниту едно не беше исполнето. Многу пријатели ме предупредуваа дека ќе морам да ги вратам тие пари, но јас не верував. Па не можат да бараат пари назад кога ни беше забрането да работиме - вели таа.
Фризерката тогаш добила 9.000 евра како итна помош. Тој износ ѝ бил и повеќе од потребен бидејќи шест недели немала никаков приход, а трошоците за нејзиниот салон продолжиле да течат. Дури на 4 мај 2020 година беше укината забраната за работа на фризерските салони.
Подоцна властите објасниле дека помошта се доделувала само врз основа на процена на приходите, со цел да се покрие „неликвидноста“ предизвикана од короната. Од околу 13 милијарди евра исплатени во Германија и во покраините од март до јуни 2020, околу пет милијарди, според Министерството за економија, биле неправилно исплатени.
Поради тоа, биле испратени десетици илјади барања за враќање на средствата, меѓу нив и едно до Марион Алемајер. Од неа се барало да врати 7.000 евра. По жалба, износот бил преполовен, но покраината Северна Рајна–Вестфалија сè уште бара таа да врати 3.500 евра за да го затвори случајот.
„Немам друга егзистенција освен оваа работа“
Алемајер сè уште отплаќа и 7.500 евра „помош за нов почеток“ добиена во второто заклучување, кое траело 11 недели. Самовработените и малите фирми до пет вработени можеа да добијат 9.000 евра помош, оние со до десет вработени - 15.000 евра, а фирмите со до 50 вработени - 25.000 евра.
Она што најмногу ги лути малите претприемачи е хаосот во германската бирократија: секоја покраина има различни правила за враќање на средствата. Во Баварија и Баден-Виртемберг погодените не можат ни да поднесат жалба, туку мора веднаш да одат на суд. Во Северна Рајна-Вестфалија правилата за враќање се менувале на веб-страницата на Министерството дури 15 пати за неколку недели. Во Хесен, пак, е воведен мораториум и проверките се привремено стопирани.
„Административно промашување без преседан“
Рајнер Херман, основач на групата „НРВ-Софотилф“, денес им помага на речиси 11.000 погодени кои се борат против барањата за враќање. Тој оценува дека целата операција е „срамно административно промашување“.
- Луѓето не се само депресивни, туку и бесни. Гледам образовани, искусни претприемачи кои паѓаат во очај. Некои се веќе под стечај, други ќе мора наскоро да поднесат барање - вели тој.
На прашањето што требало да направи поинаку Германија, Херман вели дека владата на Ангела Меркел требало унифицирано да ги постави условите за итната помош, а покраините само да ги спроведуваат. Така ќе се избегнел хаосот.
- Условите требаше однапред да бидат јасно објаснети, а државата да ги гледа граѓаните како партнери, не како противници - додава тој. Како позитивен пример ја наведува Белгија.
- Таму системот на помош се продолжува и се приспособува секој месец. Сите можат да се вклучат, никој не се жалел, никој не протестирал и сè функционира совршено - вели тој.
Извор:
Biznis.telegraf.rs
Фото: Freepik