X
 15.10.2026 Живот

Избегнувањето шеќер додека пиете антибиотици може да ги заштити цревата

Помалиот внес на шеќери би можел да ги ублажи несаканите ефекти на антибиотиците врз цревата, покажува нова студија.

Студијата објавена во списанието „Нејчер“ покажа дека консумирањето храна богата со шеќер додека се примаат антибиотици е поврзано со поголемо нарушување на микробиомот, вклучувајќи губење на корисните бактерии и зголемување на бројот на потенцијално штетни бактерии. Врз основа на резултатите, истражувачите посочуваат дека намалувањето на внесот на едноставни шеќери за време на терапијата со антибиотици би можело да ги заштити цревата и да ги ублажи ризиците поврзани со лекувањето со антибиотици.

- Се чини дека едноставните шеќери ја влошуваат штетата што антибиотиците му ја нанесуваат на екосистемот на цревата. Тоа има последици врз пациентите што ги проучувавме, но и кај здравите луѓе може да има штетни последици - вели Јонас Шлутер, главен автор на студијата и доцент на Медицинскиот факултет „Гросман“, Њујорк.

Студијата покажа дека исхраната богата со шеќери при земањето антибиотици може да доведе до тоа цревниот микробиограм да погодува одредени бактерии во однос на другите, вклучувајќи ги бактериите што предизвикуваат инфекции на крвотокот отпорни на антибиотици. Исхраната богата со шеќери за време на земањето антибиотици била поврзана и со поголем ризик од смрт.

Резултати релевантни за пошироката популација


За да ја спроведат студијата, д-р Шлутер и неговиот тим анализираа 9.419 оброци што ги консумирале 173 пациенти со карцином на крвта кои земале антибиотици. Истражувачите ги одбрале пациентите со карцином на крвта затоа што често земаат антибиотици. И затоа што можат детално да бидат следени за време на лекувањето. Внимателно го следеа внесот на шеќер кај пациентите, како и состојбата на нивниот цревен микробиом, од 2017 до 2022 година, со последна контрола во април 2023 година.

- Нашата можност детално да ги следиме беше без преседан. Овие пациенти се под толку внимателен надзор што навистина можеме да го следиме сето она што ќе го внесат, а потоа да ги измериме сите последици - вели д-р Шлутер.

Затоа, разумно е да се претпостави дека резултатите се релевантни за пошироката популација. Не само за пациентите заболени од рак што учествуваа во студијата.

Како да се намали внесот на шеќер додека се примаат антибиотици


Антибиотиците носат одредени ризици и треба да се користат само кога е неопходно. Меѓутоа, кога ќе ги препише лекар, тие се многу важни за лекувањето. Сега кога резултатите од студијата се достапни за јавноста, луѓето би можеле да носат одлуки за тоа како најдобро да го заштитат организмот додека ја примаат неопходната терапија со антибиотици.

- Секако дека морате да земате антибиотици за да се изборите со акутната инфекција. Тоа е моќен лек што спасува животи. Но, исто така, знаеме дека тие антибиотици, како споредна последица, ги оштетуваат природните популации на бактерии во цревата - вели д-р Шлутер.

Врз основа на резултатите од студијата, намалувањето на внесот на шеќер би можело да биде еден од начините за заштита. За некои луѓе тоа може да значи да го прескокнат попладневниот газиран пијалак или да ја одбијат втората порција десерт.

Избегнувањето на шеќерот не е засекогаш


Д-р Шлутер предлага да се почне со избегнување засладени пијалаци, слатки и други вообичаени благи работи богати со шеќери за време на терапијата со антибиотици.

Тој додава дека луѓето не треба да мислат дека засекогаш ќе се откажат од шеќерот. Резултатите треба да се толкуваат конкретно во контекст на терапијата со антибиотици.

Извор: forbes
Фото: magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот