X
 15.11.2017 Живот

Современо семејство - современи совети од мајка за ќерка

Кога ја замислувам ситуацијата кога мајката ја советува ќерката, во мојата глава тоа обично е слика во која мајката авторитарно седи, а ќерката, со главата во нејзиниот скут, плаче и солзите ѝ течат по лицето. Така, мајката станува цврста како карпа додека ѝ ја гали косата на ќерка си, гледа во далечина и тивко изговара некои историски мудрости врежани во ѕидовите, подовите, синџирите... Овие мудрости обично произлегуваат од болката и патењето, така што се гледа дека мајката повторно, но сега молчејќи, ги доживува, треперејќи однатре и плашејќи се ќерката да не ги повтори истите грешки.

Иако не сум од типот на мајки што внимателно ја советуваат својата ќерка, не одолеав. Јас сум од оној тип што не затвораат уста и во врска со прашања што се важни за мене, за децата да запомнат дека се држам до онаа старата поговорка - Повторувањето е мајка на знаењето.

Значи, повторувам едно исто додека не им се смачи. Јас не советувам. Јас им турам во главата нешто за кое сум запнала и често подоцна се смеам сама на себе за тоа какви глупости ми текнуваат... би се смееле и тие, но не смеат.

Така, солам памет додека ги хранам, бањам, следам, чекам, се лутам или се смеам. Ако ме пробудат среде ноќ, продолжувам онаму каде што сум застанала.

Многу од речениците мојата постара ќерка ги повторува со сарказам во гласот, без запирање, а нејзиното изложување го продолжува постариот син, како песна, имитирајќи го мојот глас.

- Важно е да учиш, да осознаваш, откриваш и да поставуваш прашања. Образованието е твојот магичен летечки килим и никогаш не е доцна за тоа. Ако ти е важно да си млад или стар, запомни дека стар ќе бидеш тогаш кога ќе престанеш да учиш. Брчките со тоа немаат никаква врска.

- Не е важно што, важно е како. Бидејќи начинот како го правиш нештото е манифестација на тебе во бескрајна низа на повторување додека трае животот. А она што го правиш ќе се менува: некогаш ќе бидеш во фаза на менување на момчиња, некогаш менување пелени, некогаш на колена ќе ја чистиш куќата, а некогаш ќе ја пеглаш картичката во трговските центри. Тоа не е важно. Но начинот на кој го правиш сето тоа ќе ти го обои животот. И кога еден ден ќе си го вратиш филмот наназад, насмевката да биде на твоето лице.

- Сè што не ти се допаѓа - смени го. Ако сфатиш дека си направила грешка и дека тоа повеќе ти се допаѓало, промени го како што беше претходно. Промени се себеси, промени ја фризурата, распоредот во станот, промени го работното место, местото каде што патуваш, банките што те заморуваат, друштвото што те исцрпува.

- Сè што ти се допаѓа - чувај го. Чувај ги малите, ситни глупави работи што не му значат никому, чувај ги другарствата што те топлат, соништата што сјаат, фотографиите и сликите што ја формираат твојата временска машина. Чувај ги своето здравје, мирот и сонот. Сè и секој што континуирано ти ги нарушува овие три работи, веројатно не би требало да биде тука. Ова важи за сè освен за децата (и твоите и туѓите). Тоа со децата е посебна приказна и тука сè уште не ми е јасно што е важно, а што не, за тоа другпат.

- Исто така, за една жена е особено важно да ја одржува својата форма - од задникот до главата. Формата се одржува со спорт, патувања или добар разговор со некој што разбира. На оваа планета и во овој живот, апсолутно е доволно да имаш една личност што те сфаќа. Некогаш таа личност ќе бидеш самата ти. И тоа е во ред. Општо земено, немој да се жалиш, ние не сме од тој тип; ќе си се смачиш самата на себе ако го правиш тоа.

И последна работа: ќе има денови кога нема да има љубов, кога ќе фали здравје, кога ѕидовите ќе бидат превисоки, а нозете претешки. Ќе има денови кога ќе ти биде ладно, можеби ќе бидеш и гладна, и ќе се запрашаш зошто си родена и во чие име. Тука нема да ти помогнат скапите чевли, поголемите гради, свилените чорапи или богатиот сопруг. За поголеми усни и да не правиме муабет. Главно ништо надворешно. Сè што ти е потребно во тие моменти се наоѓа во тебе. Засукај ги ракавите и не предавај се. Копај сè додека не ја пронајдеш љубовта кон животот и кон себеси. А тука е. Со тоа сме сите родени.

Сите други совети, морам да признам, влегуваат и излегуваат од мојата надлежност во зависност од фазата во која се наоѓам.

Некогаш јадеме повеќе свежо, некогаш месиме како луди, некогаш куќата сјае, а некогаш постојат денови кога во неа се влегува ползејќи. Понекогаш носам високи потпетици и дома, а понекогаш не ги облекувам и да ме тераат со пушка. Некогаш сум неуредна, некогаш сум уредна, ако еднаш сум слаба, другпат сум дебела. Некогаш сум фина, вешта, брза, но знам и да бидам глупава, нејасна и бавна. Некогаш сум омажена, некогаш разведена, вработена и невработена.

Не сум жена која од колено на колено пренесува рецепти, љубов кон „штиркана“ постелнина и посетување гробишта во сабота. Ако е до тоа, мојата ќерка ќе порасне лишена од овие мудрости што се пренесуваат од жена на жена.

Но се надевам дека моите деца ќе знаат кои се и ќе умеат тоа да бидат. Дури и во искинати чорапи...

Пишува: Тамара О.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот