Постојат моменти кога гледањето низ прозорецот од авионот носи особено чувство на мир. Белите облаци се протегаат под вас, а хоризонтот се отвора бескрајно. Но, замислете да погледнете надвор и да го видите небото осветлено од поларна светлина. Токму тоа му се случило на д-р Рајан Френч, физичар, автор и истражувач од Лабораторијата за атмосферска и вселенска физика. За време на лет од Денвер до Чикаго, тој забележал неверојатна глетка - поларната светлина која го обоила ноќното небо.
Поларната светлина се појавува кога наелектризирани честички од Сонцето се судираат со молекули во атмосферата на Земјата, создавајќи спектакуларна игра на бои низ небото.
Како физичар, Френч знаел дека го очекува редок момент уште пред авионот да полета.
- Штом полетавме над облаците, веднаш почнав да фотографирам со телефонот очекувајќи ја светлината - се присетува Френч. Тој објаснува дека камерите на телефоните често ги „фаќаат“ боите на поларната светлина порано отколку човечкото око, што можеби е причината зошто другите патници не ја споделувале неговата возбуда. Сепак, за него тоа бил незаборавен миг.
Френч ги сподели фотографиите од поларната светлина на социјалните мрежи, откривајќи бранови од смарагдно-зелена светлина што се протегаат по хоризонтот. Иако снимал од авион во движење, со внатрешно осветлување и валкани прозорци, сепак успеал да ја долови магијата на природниот спектакл.
- Фотографирањето на поларната светлина низ прозорец на осветлен авион е вистински предизвик - напишал тој под неговата објава.
Извор:
Mymodernmet.com
Фото:
Instagram