X
 23.12.2016 Живот

Се буди опасен супервулкан во Неапол


Кампи Флегреи, супервулканот што се наоѓа во близина на Неапол, има можност наскоро да се активира, првпат после петстотини години, стравуваат научниците.

Супервулкан

Истражувачите велат дека активноста на вулканот се движи кон точката во која притисокот од внатрешноста ќе иницира исфрлање на магма и гасови десетпати посилно од просекот. Меѓутоа, разорните потенцијали на овој вулкан се многу поголеми.

„Ако се загреат околните хидротермални карпи, можат да ја ослободат својата механичка отпорност, што би предизвикало движење кон критичната точка“, предупредува Џовани Чиодини, водач на студијата.

Тоа би можело да покрене опасна ерупција, што би загрозила три милиони луѓе кои живеат во околината и неброени културни споменици.

Кампи Флегреи од 2005 година бележи пораст на акумулација на магма под неговата површина.

Италијанските власти издадоа жолто предупредување во 2012, што значи дека супервулканот активно и континуирано се следи од страна на научниците.

Пред четири години тие предупредија дека ерупцијата би можела да убие милиони луѓе кои живеат во близина на врвот на вулканот.

„Таквата ерупција би имала катастрофално влијание на целата планета и би можела да се спореди со удар од поголем метеор“, вели Џузепе де Натале, водачот на проектот за следење на вулканската активност.

Депресијата Кампи Флегреи, што е создадена откако вулканот го разнесил сопствениот врв, е формирана пред 39.000 години, после најголемата вулканска ерупција во Европа во последните 200.000 години.

Блискиот Везув, чија ерупција закопа бројни римски населби, вклучително и Помпеја во 79 година, исто така се смета за активен вулкан.

Супервулкан е секој вулкан способен да исфрли материјал со волумен поголем од  1.000 кубни километри, што е илјадапати повеќе од нормалните ерупции.

Студијата на италијанските научници е објавена во списанието „Nature Communication“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот