X
 18.06.2020 Наука

Половина од копното на Земјата сѐ уште може да се спаси од штетата предизвикана од човекот

Едноставно не може да се негира фактот дека луѓето драстично променија, развија и прекопаа голем дел од природата за свои потреби. Но, колкав дел од површината на планетата е ослободен од нашето често малигно влијание?

Ако ја мапираме Земјата барајќи само знаци за отпечатоците на човештвото врз пејзажите, колкав дел од копнената површина би бил без изградени градови, раскопан за ресурси или уништен за одгледување посеви наместо да се остави во неизменета состојба?

Во нова студија научниците ги споредиле бројките од четири различни сета на специјални податоци за да го одговорат ова прашање. Додека секој сет на податоци користи различни видови методологии и системи за класификации, во просек, истражувачите велат дека околу половина (48 до 56 отсто) од светското земјиште покажува „ниско“ влијание од луѓето.

- Иако користењето на земјиштето од страна на луѓето е сè позаканувачко за останатите живеалишта на Земјата, особено во потоплите и погостопримливи области, речиси половина од Земјата сè уште се области без интензивно користење - истакнува научникот Ерле Елис од Универзитетот во Балтимор, Мериленд.

Додека бројките може ќе бидат инспирација за многумина, нагласувајќи го големиот степен на значително недопрени земјишта кои сè уште може да бидат заштитени со мерки за конзервација, студијата служи и за илустрација колкав дел од Земјата веќе е окупиран и искористен од луѓето.

Само една четвртина (20 до 34 отсто) од површините на Земјата што не се покриени со мраз покажува „многу ниски“ знаци на човечко влијание, велат научниците, а деловите од планетата кои досега не сме ги допирале се некои од најмалку погодните за живеење на Земјата.

Недопрените површини со целосно функционални екосистеми играат незаменлива улога за нашата способност за постоење на оваа планета.

- Голем дел од многу ниското влијание врз планетата е составен од студени или безводни пејзажи - наведуваат авторите.


Позагрижувачко е тоа што помалку од еден отсто од умерените прерии, тропски четинарски шуми и тропските суви шуми имаат многу мало човечко влијание во повеќето бази на податоци и тропските прерии, мангрови и планинските прерии исто така имаат помалку од еден отсто земјиште идентификувано како многу мало влијание во сите бази на податоци.

Со други зборови, без разлика дали преку урбанизација, шумарство, земјоделство или други средства, луѓето најмногу влијаеле врз биодиверзитетните средини кои претставувале зрели и лесни можности за итните човекови потреби. Од друга страна, пустините во најтоплите места на светот или замрзнатите пусти делови биле игнорирани.

Истражувачите истакнуваат дека нивните резултати посочуваат дека на околу 50 отсто од копнената површина на планетата има мало човеково влијание и тоа може да помогне во зачувување на барем 50 отсто од копното.

Само околу 15 отсто од планетата се под некаква форма на еколошка заштита, а недопрените екосистеми надвор од тие места брзо еродираат.

Сега има шанса да повлечеме линија и да кажеме: Толку!

Извор и насловна фотографија: Science Alert
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука