X
 20.08.2023 Живот

Вино од најмалото лозје во светот чини 5.000 евра по шише

Италијанецот Тулио Масони го произведува едно од најексклузивните вина во светот - но тој не сака никој да го пие. Претприемачот, колекционер на уметнички дела и поранешен инвестициски банкар го поседува, како што вели, најмалото лозје во светот. Сместено е на покривот на палата од 16 век во градот Реџо Емилија.

Тој порано имал „вистинско“ лозје недалеку од градот, но заклучил дека на него повеќе потрошил отколку што заработувал, па го продал. Дваесет години подоцна, тој се покајал за ова и изградил мало лозје на покрив. На простор со големина на гаража, односно 18,5 квадратни метри, Масони одгледува грозје санџовезе за производство на само 29 шишиња годишно, кои се продаваат во уметничката галерија „Бонсиони арте“ за неверојатни 5.000 евра по шише.



- Моето вино е форма на уметничко изразување, филозофска провокација, нешто што треба да се чува во дневната соба за да можете да разговарате за тоа со вашите пријатели, да им кажете за лудиот кој изгради лозје на покривот - вели Масони.

Врската помеѓу неговото вино и уметноста започнува со винова лоза која расте на решетки, дело на локалниот скулптор Оскар Акорси. Виното старее во уметнички дабови буриња кои претставуваат маж и жена. Џузепе Камунколи, познат стрип уметник, кој е роден во Реџо Емилија, го потпишува дизајнот на етикетите на виното. Поради сето ова, Масони ги охрабрува своите клиенти никогаш да не ги отвораат шишињата, туку да ги третираат како уметнички дела.

- Јас сум единствениот производител на вино во светот кој вели дека не треба да го пиете неговото вино - заклучил тој.

Извор: Pun kufer
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот