X
 16.03.2019 Живот

Четиридневната работна недела почна да се практикува и на Балканот

Неколку британски компании ја менуваат петдневната работна недела на четиридневна токму поради сè поприсутната идеја дека скратената работна недела може да ја подобри продуктивноста на работниците и да им обезбеди подобра рамнотежа помеѓу работниот и приватниот живот.

Затоа, сè повеќе работодавци експериментираат со давање три слободни дена неделно на своите работници, а притоа работниците ги задржуваат истите плати.

Поради влијанието што префрлувањето на четиридневна работна недела би го имало врз британската економија, министерот за финансии и член на лабуристичката компанија, Џон Мекдонел, нарачал истражување, додека шкотската национална партија наредниот месец треба да дискутира за воведување четиридневна работна недела во Шкотска.

nedela

Во последните шест месеци тоа го направиле „Синерџи вижн“, компанија специјализирана за комуникација во медицинскиот сектор, „Електра лајтнинг“, која дизајнира осветлувачки уреди, производителот на долна облека „Лара интимејтс“ и „Интерпејд камера“, која произведува и извезува фотографска опрема.

- Ова беа шест убави недели со долги викенди - изјави Нил Ноулс, консултант во „Електра“, компанија која скратената недела ја воведе во јануари.

- Два од седум дена се едвај доволни за човек да закрепне од стресната недела. Но, три дена се доволни за да се одморите, а и да имате време да работите нешто друго - додава тој.

Работата од понеделник до четврток за Максим Гру од „Интерпејд“ значело крај на уморот што го чувствувал во петоците по работата. Дополнително, се зголемиле моралот и енергијата на работниците, а поради чувството дека секој час од работата е важен, се подобрила продуктивноста.

- Јас учам француски, Роко се запиша на глума, Хуго се посвети на столарската работа, а Сем изработува роботи - опишува Гру како тој и неговите колеги го поминуваат новото слободно време.

Идејата за скратена работна недела во последно време дојде повеќе до израз поради економските, друштвените, здравствените и технолошки причини. Имено, прекувременото работење предизвика илјадници луѓе да страдаат од депресија секоја година и дополнително го отежнува балансирањето помеѓу кариерата и грижата за семејството, а над сето ова технологијата го трансформира концептот на работа и работниот ден каков што денес го познаваме.

За тоа стануваат свесни и хрватските работодавци, па некои компани, како што е консултантската куќа „Логичка матрица“, од минатата година почнаа со четиридневна работна недела.

- Кој нормален може да биде задоволен ако вработените пијат антидепресиви - изјави директорката Рената Шерепиќ-Петак.

Како што вели таа, тие немале никакви проблеми со извршувањето на работните задачи поради кратката работна недела и ги исполнувале сите рокови. Работата им цвета, а имаат помалку стрес. И додека не е прецизирано дали британските работодавци во текот на четири дена работна недела ќе ги надоместуваат работните часа од петокот, во „Логичка матрица“ од понеделник до четврток работат 10 часа бидејќи законот налага дека полното работно време изнесува 40 часа неделно.

Но, ни тоа не им е тешко на работниците на „Логичка матрица“ бидејќи можат да направат пауза кога им е потребна и колку што им е потребна. За директорката не е важно дали некој седи во канцеларијата во рамките на предвидените работни часа. Важно е работникот да си ја врши работата квалитетно и навремено, а дали тоа ќе го направи од дома, од викендица, од градина или од канцеларијата, не е важно.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот