Тој сака да оди на работа со велосипед. А ако му се брза, тогаш ќе седне во неговиот стар „сааб“ паркиран пред скромниот стан во Хаг. Тој го плаќа своето кафе и стои во ред како сите други. На рејв-фестивалот игра со другите посетители. Во ерата на грубите популисти кои не обрнуваат внимание на законите и обичаите, холандскиот премиер, 53-годишниот Марк Руте, е еден од најдолговечните европски лидери. Тој цврсто верува во играта според правилата.
Ретки се оние што се изненадија на изјавата на Руте дека во согласност со донесените прописи за спречување на ширењето на коронавирусот, неколку недели пред смртта на неговата 96-годишна мајка, тој не ја посетил ни еднаш.
Во тоа време во Британија сите зборуваа за Доминик Камингс, првиот советник на премиерот Борис Џонсон, кој возел 420 километри за да си ги види родителите во време на карантин. Јарослав Качински, лидер на владејачката партија во Полска, отишол на гробишта иако тоа било забрането. Во САД, претседателот Доналд Трамп ширеше лажни обвинувања за убиство, играше голф и одбиваше да носи маска.
Премиерот Руте на 25 мај издаде кратко соопштение. Тој изјави дека неговата мајка починала две недели претходно. Во согласност со холандските регулативи, тој можел да остане со неа последната ноќ. Неколку часа по нејзината смрт тој излезе пред новинарите за да разговара за коронавирусот и одржал состанок.
Постои една изрека што ја опишува холандската култура: „doe maar gewoon“ или „само биди нормален“. Том Џан Меус, политички колумнист за весникот „НРЦХанделсбалд“, објаснува дека оваа изрека ја опишува личноста на премиерот.
Фото: Instagram
- Тој е старомоден Холанѓанец - вели тој.
Руте ја предводи Народната партија за слобода и демократија, централнодесничарска партија. Тој не е оженет и не се грижи многу за неговиот политички имиџ, велат оние што го познаваат.
- Тој е најстабилниот од сите европски лидери. Не поседува многу, апсолутно не го интересираат материјални работи и буквално живее за својата работа, 24 часа, седум дена во неделата - вели Дидерик Самсом, поранешен претседател на Лабуристичката партија.
Неговиот здраворазумен пристап кон политиката овозможи Холандија да се движи кон добар пат. Изборите ќе се одржат наредниот март, а популарноста на Руте значи дека веројатно ќе освои уште еден мандат.
Ниту една партија нема мнозинство во парламентот, така што компромисот е задолжителен. Тоа е толку вкоренето што постои и термин: „полдермодел“. Полдер е „земја земена од морето“, па се потпира на средновековното холандско општество, кое се обединило и изградило брани и канали за да го направи животот возможен.
- Тоа создаде еден колективистички инстинкт затоа што сите мора да работат заедно инаку морето ќе ги потопи - вели Расел Шорто, Американец кој напишал историја за Амстердам.
- Слично на тоа, полдермоделот го цени консензусот. И ако имате на ум дека постојат десетина политички партии и дека Марк Руте е на власт веќе 10 години, јасно е дека покажа дека е мајстор на создавање и одржување консензус.