X
 16.03.2021 Здравје

Дали има поткрепувачки факти за сомнежите поврзани со вакцината на „Астра зенека“?

Неколку земји низ светот престанаа да ги вакцинираат своите жители со вакцината против коронавирусот на „Астра зенека“ поради вести дека таа предизвикува згрутчување на крвта. Колку вистина има во овие вести?

Што знаеме за вакцината на „Астра зенека“?

Вакцината има повеќе предности, како цената и условите на чување, а била одобрена од регулаторни тела низ светот, меѓу кои и оние во Обединетото Кралство, Европската Унија (ЕУ) и Светската здравствена организација (СЗО). Регулаторите изјавиле дека вакцината предизвикува слаби до умерени несакани ефекти и е безбедна и ефективна за спречување зараза со Ковид-19. Вакцината е произведена врз основа на генски модифициран вирус за настинка од шимпанза.

Додека Обединетото Кралство советува да се продолжи употребата на вакцината, Данска го престана вакцинирањето со оваа вакцина по смртен случај во земјата, пренесува „Јуроњуз“. Сепак, здравствените власти во Данска посочиле дека не може да се донесе заклучок дека има врска помеѓу вакцинирањето и згрутчувањето на крвта кај починатото лице.

Норвешка, исто така, престана со вакцинирање на жителите со оваа вакцина поради веста од Данска. Порано, Австрија го сторила истото по смртен случај од згрутчување на крвта и хоспитализација на лице со пречки во артериите во белите дробови. Вакцината била суспендирана и во Естонија, Литванија, Луксембург и Летонија.


Фото: Pixabay

Европската агенција за лекови изјавила дека ги анализира инцидентите, како и други состојби поврзани со згрутчување на крвта, но прелиминарната анализа не покажала врска со вакцината. До минатиот вторник имало 22 случаи на згрутчување на крвта во 3 милиони луѓе што биле вакцинирани со вакцината на „Астра зенека“ во Европската економска област.

Доктор Сајмон Колсто од Универзитетот во Портсмут изјавил за „Јуроњуз“ дека бил изненаден од земјите што го стопирале вакцинирањето по вестите за згрутчување на крвта бидејќи нормално е да има вакви случаи поради големиот број лица што ја добиваат вакцината. Според него, случаи на згрутчување на крвта би имало без разлика дали тие ја добиле вакцината или не.

Дали вакцината е ефикасна?

За ефикасноста на вакцината на „Астра зенека“ се зборувало претходно, иако таа покажала добри резултати во тестирањата. Во првото соопштение компанијата изјавила дека вакцината има ефикасност од 90% доколку се прима половина доза, а потоа целосна доза. Таа е ефективна 62% доколку се примат цели две дози.

Мене Пангалос, директор на одделот за биофармацевтско истражување и развој во „Астра зенека“, открил дека послабото дозирање на вакцината е поефективно поради грешка, а експертите ја критикувале компанијата поради ова. Вакцината била одобрена за примање во две цели дози од страна на Обединетото Кралство и ЕУ, но дозволен е подолг временски интервал помеѓу дозите.


Фото: Pixabay

По одобрувањето на вакцината во повеќе земји се појавија прашања за нејзината ефикасност кај постарите лица, па некои држави не ги вакцинираат постарите жители со оваа вакцина. Според истражување на речиси 500.000 жители во Обединетото Кралство, само една доза од вакцината ги намалила хоспитализациите за 94%. Поголемиот дел од лицата што биле дел од истражувањето имале над 80 години.

Европската агенција за лекови го препорачува користењето на вакцината на сите лица над 18 години, иако додала дека нема доволно податоци од тестирање на вакцината на лица над 55-годишна возраст.

Што велат од „Астра зенека“?

- Безбедноста на пациентите е најголем приоритет за „Астра зенека“ - изјавиле од компанијата, додавајќи дека вакцината била детално истражувана во клиничките испитувања и податоците што се проверени потврдуваат дека јавноста добро ја поднесува вакцината.

Автор: Лорен Чедвик
Извор: euronews.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје