X
 13.07.2021 Здравје

Колку се ефикасни вакцините во спречувањето зараза со делта-сојот?

Во некои земји повторно се воведуваат мерки за намалување на ширењето на коронавирусот поради појавата на делта-сојот. Истовремено, многумина се прашуваат дали постојните вакцини штитат од овој сој.

Повеќето експерти се согласни дека поголемиот дел од вакцините нудат голема заштита и спречуваат развивање тешки симптоми и хоспитализација. Сумја Сваминатан од Светската здравствена организација открил за „Фајненшл тајмс“ дека истражувањата покажуваат дека голем број вакцини нудат добра заштита, особено против тешки симптоми, поради што треба да се забрза процесот на вакцинирање во сите земји.

Според анализа на 14.019 случаи на заразени лица со делта-сојот во Обединетото Кралство, вакцината на „Фајзер“ имала ефикасност од 96 отсто, а онаа на „Астра зенека“ 92 отсто во спречувањето на хоспитализација по примени две дози.


Фото: Freepik

Компанијата „Фајзер“ изјавила дека нејзината вакцина е ефикасна против делта-сојот, особено доколку се прими и трета доза. Сепак, компанијата планира да тестира вакцина направена за овој сој следниот месец.

Ефикасноста на вакцините се забележува и во стапките на смртност од ковид-19 во Обединетото Кралство, каде што се вакцинирале повеќе од половина од населението. Стапката на смртност во последниов период изнесува 0,085 отсто, што е 20 пати пониска отколку во периодот на најголемото ширење на коронавирусот во земјата, според епидемиологот Меган Кал.

Кога станува збор за спречувањето на симптоматско заразување со делта-сојот, ефикасноста на вакцината на „Фајзер“ била 88 отсто во мај, а 89 отсто во јуни, според податоци од заразени пациенти. Канадски научници пресметале дека вакцината на „Фајзер“ има ефикасност од 87 отсто во спречувањето заразување со делта-сојот, што не е многу различно од 89 отсто ефикасност во спречувањето на заразувањето со алфа-сојот.

Истражување во Израел, пак, покажало дека вакцината на „Фајзер“ има ефикасност од 64 отсто во спречувањето на симптоматско заразување со делта-сојот. Оваа анализа била направена врз основа на прелиминарни броеви засновани на локални податоци и имала методолошки недостатоци, пишува „Фајненшл тајмс“.


Фото: Freepik

Засега нема истражувања од заразени пациенти за ефикасноста на другите вакцини во спречувањето на заразувањето со делта-сојот. Меѓутоа, компанијата што ја произведува руската вакцина „Спутник V“ изјавила дека оваа вакцина е поефикасна во заштитата од делта-сојот од сите други вакцини што објавиле резултати за ефикасноста досега. Компанијата не понудила доказ за ова тврдење.

Повеќе кинески научници изјавиле дека некои кинески вакцини се помалку ефикасни во заштитата од делта-сојот, но не биле објавени многу податоци од истражувањата.

Лиу Пејченг од „Синовак“ открил за „Ројтерс“ дека прелиминарните резултати засновани на крвни примероци од вакцинирани лица покажале дека ефикасноста на вакцината е тројно помала кога станува збор за делта-сојот, во споредба со други соеви.

Експертот за јавно здравје Питер Инглиш предупредил дека податоците за спречување хоспитализација се позитивни, но податоците за ефикасноста на вакцините за спречување зараза со делта-сојот не се толку јасни.

Извор: Financial Times
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје