Во некои случаи во кои се јавиле несакани ефекти по добивање вакцина против коронавирусот причината за несаканите ефекти била анксиозноста, а не проблем со самата вакцина, пишува „Хафингтон пост“ повикувајќи се на американските здравствени власти.
Според експертите, несвестицата, вртоглавицата и други краткорочни реакции што се јавиле кај десетици луѓе што примиле вакцина во САД се пример за феномен кој е познат со децении. Едноставно, некои луѓе толку се плашат од примање инјекција што нивната анксиозност им создава физичка реакција.
Од Центарот за контрола и превенција на болести во САД откриле во извештај дека вакви реакции биле забележани кај 64 лица што се вакцинирале на некоја од клиниките во државата. Некои од овие лица имале и болка во градите и повраќале како симптом на феноменот.
Фото: Pixabay
Сите лица ја примиле вакцината на „Џонсон и Џонсон“. Според извештајот на Центарот за контрола и превенција на болести, можеби луѓето се поанксиозни бидејќи оваа вакцина се прима во само една доза. Здравствените власти изјавиле дека нема причина за сомнеж дека станува збор за проблем со самата вакцина.
Според претходни истражувања, 10-15% од возрасните се плашат од инјекции.
Вакцинирањето со вакцината на „Џонсон и Џонсон“ беше паузирано поради појава на друг вид реакција. Станува збор за појава на вид згрутчување на крвта на необични места, кои се појавиле кај 17 лица што ја примиле оваа вакцина.
Автор: Мајк Стоб
Извор:
huffpost.com
Фото: Pixabay