X
 21.07.2020 Здравје

„Имам докторат по физика, а не можам да составам две мисли“ - долгорочните последици од Ковид-19 за кои малку се зборува

Низ Европа се отвораат центри за рехабилитација поради долгорочните последици од боледувањето од Ковид-19. Се прават и истражувања за да се утврдат потребите и да им се помогне на лицата што биле излекувани од болеста пред месеци, но сè уште не се чувствуваат добро, пишува Си-ен-ен.

Професионалниот нуркач Емилијано Пескароло се заразил со коронавирусот во март и 17 дена лежел во болница во Џенова. Сега, три месеци подоцна, овој 42-годишник и понатаму има проблеми со дишењето и вели дека дури и кратката прошетка му изгледа како качување на Монт Еверест и останува без здив дури и кога зборува. Пескароло е еден од неколку десетици луѓе што се на рехабилитација во специјализирана клиника во Џенова.


Фото: Pexels

Во Велика Британија поранешните пациенти се поврзуваат и заедно бараат помош за долготрајните последици од вирусот за кои не се знае доволно. Здравствените власти во овие две европски земји почнуваат да нудат рехабилитација, но изгледа дека ова ќе биде имплементирано масовно бидејќи истражувања покажуваат дека Ковид-19 е „мултисистемска болест“ која може да ги оштети белите дробови, но и бубрезите, црниот дроб, срцето, мозокот и нервниот систем, кожата и гастроинтестиналниот тракт.

Докторот Пјеро Клаварио, директор на џеновскиот Институт за рехабилитација од Ковид-19, вели дека веќе било утврдено дека само 14% од пациентите по оздравувањето немаат компликации, додека сите други имаат. Згора на тоа, до 50% од пациентите имаат и психолошки проблеми, а 15% имаат посттрауматско стресно нарушување.

- Она што најмногу ме изненадува е што дури и пациентите што не биле под интензивна нега сега се исклучително слаби: нема докази дека имаат кардиолошки или белодробни проблеми, но не може да се качуваат по скали - вели Клаварио, додавајќи дека овие пациенти имаат „сериозна мускулна слабост“.


Фото: Pexels

На пациентите им помагаат вежби за физикална рехабилитација и има подобрување по еден и пол месец. Нуркачот Пескароло се надева дека ќе може да се врати на работа во средината на август, речиси по половина година откако се разболел. Сепак, и покрај физичкиот напредок, Пескароло изјавил дека тешко се концентрира и е многу загрижен за слабоста на неговиот ум.

- Особено ми е лошо краткорочното помнење, не се сеќавам ни на сосема едноставни работи - изјавил тој.

Слични проблеми имаат и други поранешни заболени од Ковид-19, а уште не се знае колку може да траат таквите последици. Загриженост постои во Велика Британија, каде што само во едно истражување се вклучени над 8.500 луѓе кои веќе се на рехабилитација.

Една група од поранешни пациенти води кампања во која бара од државата да ги земе предвид потребите на луѓето што имаат последици од Ковид-19 и да спречи дискриминација од страна на работодавците против овие пациенти. Меѓу нив е и постарата медицинска сестра Клаудија де Фритас (34), која четири месеци по оздравувањето има потреба од лекарска помош.


Фото: Pexels

Се споменува и случајот на Маргарет О-Хара (50), администратор на Истражувачкиот оддел во болница во Бирмингем, која не била позитивна на коронавирус иако имала тешки симптоми и била лекувана од нив. Таа престанала да кашла дури по два месеца и кога почнала да пешачи, забележала дека кашлицата се вратила. Таа повторно била примена во болница бидејќи ѝ се влошила состојбата. Како и Пескароло, и таа забележала проблеми со мозочните функции.

- Имам магла во мозокот, не можам да функционирам. Имам докторат по физика, а не можам да составам две мисли - изјавила таа.

Според неа, многумина сметаат дека доколку не се во болница, брзо ќе оздрават, но тоа очигледно е погрешно. Таа е загрижена и бидејќи истражувањата за долгорочните ефекти од болеста се фокусираат на оние што биле хоспитализирани, а никој не ги прашува оние што останале надвор од системот.

Грејс Долман (39) е лекарка во болница во Кембриџ. Таа се разболела во март и останала дома. Имала кашлица и тешкотии со дишењето. По пет недели откако се разболела, во средината на април, отишла во болница на преглед, но имала негативен тест за вирусот. Оттогаш ѝ се подобрило дишењето, но вели дека „има магла во главата“, помнењето ѝ е лошо, не може да се концентрира, постојано се чувствува емотивно потресена и е постојано уморна. Дури 17 недели подоцна таа сè уште не може да работи, може да биде активна само по два часа и потоа мора да легне. Има и болки во мускулите и необично „боцкање“ во дланките и стапалата.

- Во основа, како да имам 80 години: може да направам нешто, а потоа мора да застанам, да се одморам, па повторно уште малку, па да се одморам - вели таа.

Како здравствен работник, Долман е загрижена што многу луѓе кои страдаат од долгорочните ефекти на Ковид-19 можеби нема да ја добијат помошта што им е потребна, ако воопшто им биде понудена. Сепак, не постои општ пристап кој би им одговарал на сите бидејќи луѓето имаат различни симптоми и различни потреби и потребна им е различна поддршка.

Британскиот министер за здравство Мет Хенкок, кој имал Ковид-19, признал дека постојат сè повеќе докази дека мал дел од луѓето имаат долгорочни последици од болеста и дека треба да им се помогне на тие луѓе, но дури сега треба да се истражува што може да се направи за да им се понуди таа помош.


Фото: Pexels

Хенкок најавил големо истражување за долгорочните здравствени последици од Ковид-19 на пациенти што биле хоспитализирани. Целта на истражувањето е да се следат 10.000 луѓе во следните 12 месеци или подолго.

Британската здравствена агенција на крајот од мај отворила нов центар за рехабилитација во Јужна Англија за да им помогне на оние што се најмногу погодени. Други болници започнуваат да нудат услуги за рехабилитација. Истражувањето што треба да се спроведе во Велика Британија треба да покаже кои се проблемите со кои се соочуваат поранешните пациенти. Дури и најмалите последици ќе влијаат врз способноста за работа кај овие луѓе.

Пол Витекер, лекар во респираторниот оддел на една болница во Бредфорд, Северна Англија, во јуни отворил клиника за поранешни заболени од Ковид-19 бидејќи лекувал акутни случаи за време на епидемијата. Тој очекувал да има многу луѓе со белодробни проблеми, но всушност има многу пациенти со хронични симптоми како умор, тешкотии при дишењето, хронична слабост, забрзано чукање на срцето, лош сон, главоболка и лоша концентрација. Пациентите на Витекер често се помлади од луѓето што се лекувале во болница.

- Речиси се добива заклучок дека помладите, посилни лица се поподложни на долгорочни последици - вели тој.

Нуркачот Пескароло ги повикал сите како него да не губат надеж дека ќе се вратат во нормала.

- Не откажувајте се. За рехабилитација се потребни од четири до шест месеци - во мојот случај. Можеби на луѓето што имаат поголеми проблеми од моите ќе им треба повеќе време, но не би требало да се откажат - порачал тој.

Извор: nedeljnik.rs
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје