X
 16.06.2025 Здравје

Урбаните средини го зголемуваат ризикот од развој на астма

Астмата е едно од најраспространетите хронични заболувања во светот и зафаќа околу 260 милиони луѓе.

Истражувачите знаат дека факторите на животната средина, како што се загадувањето на воздухот и недостигот на зелени површини, се поврзани со респираторни заболувања како што е астмата. Но, заедничкото влијание на овие различни фактори на животната средина врз ризикот од развој на астма кај една личност, досега, останало нејасно.

Спроведена е студија што го открива заедничкото влијание на повеќе фактори на животната средина во урбаните средини, познати како „урбан експозом“, врз ризикот од развој на астма. Откриено е дека загадувањето на воздухот, недостигот на зелени површини и површините изградени првенствено од бетон и асфалт се поврзани со значително поголем ризик од развој на состојбата.

Анализирани биле податоци од 349.037 учесници од Европа, од новороденчиња до 70-годишници. Исто така, поврзани биле три главни надворешни фактори на животната средина - загадувањето на воздухот, изградената средина (како што е количината на зелени површини до кои лицето имало пристап, или количината на вештачка светлина на која било изложено ноќе) и температурата на околината - со домашните адреси на учесниците на почетокот на студијата.

Потоа, учесниците биле групирани врз основа на нивните нивоа на изложеност на трите главни фактори на животната средина. Исто така, биле земени предвид факторите што можеби влијаеле врз резултатите, како што се возраста, полот, етничката припадност, тежината, социо-економскиот статус на лицето и дали пуши (или било изложено на чад).

Откриено е дека возрасните што живеат во области со високо ниво на загадување на воздухот имале 13 % поголем ризик од развој на астма во споредба со луѓето што живеат во области со ниско загадување. Децата што живеат во области со високо загадување имале 18 % поголем ризик од развој на астма. Возрасните што живеат во области каде што немало зелени површини имале 15 % поголем ризик од развој на астма, додека децата имале 38 % поголем ризик.

Но, едно од најзначајните откритија на студијата е колку изложеноста на овие фактори на животната средина придонесува за нови случаи на астма и кај децата и кај возрасните. Најопасни урбани средини се оние што се карактеризираат со високо ниво на загадување на воздухот, ограничен пристап до зелени површини и оние што се изградени првенствено од бетон и асфалт. Ова го зголемило ризикот од астма кај возрасните за 27 %, а ризикот од астма кај децата за 35 %.

Дури и областите без високо ниво на загадување на воздухот, но кои се изградени првенствено од бетон и асфалт и немаат зелени површини, го зголемиле ризикот од астма за дури 36 %.


Урбанистичко планирање и ризик од астма

Оваа студија е првата што ја разгледува инциденцијата на астма и кај возрасните и кај децата. Тоа е и првата студија што го опфаќа целиот животен век и илустрира како повеќе аспекти на урбаната изложеност влијаат врз инциденцијата на астма кај сите возрасни групи. Според пресметките, значителен дел од случаите на астма - речиси 12 % - може директно да се припишат на урбаните средини.

Со оглед на тоа што сè повеќе луѓе се преселуваат во градовите секоја година, важно е да се размисли повторно за тоа како ги дизајнираме и управуваме урбаните простори за да им се даде приоритет на здравјето и благосостојбата, заклучуваат истражувачите.

Извор: theconversation.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје